АРТВЕСТИ

Националниот џез оркестар со концерти во Чешка и Босна и Херцеговина

Националниот џез оркестар ги продолжува своите меѓународни активности со два значајни настапа, претставувајќи ја македонската џез-сцена пред публиката во Чешка и Босна и Херцеговина, информираат од Националниот џез оркестар.

Првиот настап е закажан за 2 ноември, кога комбо ансамблот на Националниот џез оркестар ќе одржи концерт во престижниот простор „PETROF Gallery“ во чешкиот град Храдец Кралове. Ансамблот ќе се претстави со програма од авторски композиции кои ја отсликуваат креативноста и современиот уметнички израз на македонските џез-музичари. Во составот на комбо ансамблот се: Трајче Велков (труба), Кирил Кузманов (алт-саксофон), Иван Иванов (тенор-саксофон), Гордан Спасовски (пијано), Кирил Туфекчиевски (контрабас) и Виктор Филиповски (тапани).

Веднаш потоа, на 4 ноември, Националниот џез оркестар ќе има чест да го отвори јубилејното 30. издание на еден од најзначајните џез-фестивали во регионот – „Jazz Fest Sarajevo“. Концертот ќе се одржи во Народниот театар во Сараево, каде оркестарот, под диригентската палка на маестро Владимир Николов, ќе ја изведе програмата „Macedonian Dreams“.

„Macedonian Dreams“ е уникатен музички спој на традиционалната македонска музика и современиот џез-израз. Преку комплексни аранжмани, македонското музичко наследство добива нова оркестарска димензија. Оваа програма претходно беше изведена и пред публиката во Будимпешта, Прага, Виена и Брисел.

Back to top button