
Долгометражниот документарен филм „Добри луѓе“ на режисерот Милчо Манчевски ќе ја доживее својата светска премиера на Сараевскиот филмски фестивал на 16 август, каде што ќе се натпреварува во Официјалната селекција за награди. Остварувањето користи радикално минималистичка естетика и аскетски филмски јазик, давајќи им директна платформа на преживеаните и тивките херои од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
„Манчевски со свои лични средства и без учество на државата го финансираше овој проект во знак на почит кон жртвите. Дополнително, целата филмска екипа, продуцентите и дистрибутерите целосно се откажаа од профитот, па така целиот приход од филмот ќе биде наменет за помош на жртвите и нивните семејства во Кочани“, истакнуваат од Банана продукција.
Овој филм ја почитува вистината на преживеаното искуство и изговорениот збор во неговата најсирова форма, каде што централното место му припаѓа на личното сведоштво и непосредното присуство. Манчевски започнал да го снима документарецот само еден месец по трагедијата. Авторскиот тим одлучил свесно да се повлече во втор план и дискретно да ја обликува приказната за да го доближи гледачот до доживеаното искуство без одвишни синеастички интервенции“.
Монтажер на филмот е Мишко Чунихин, директор на фотографијата е Иван Ивановски, а автор на музиката е Игор Василев Новоградска. Извршни продуценти се Татјана Ќурчинска-Пепељугоска и Лудовико Кантисани, а филмот е реализиран преку „Банана филм“ во тесна соработка и поддршка од организацијата „Support Kochani“.
Премиерата на фестивалот во Сараево има посебна тежина бидејќи победникот за Најдобар долгометражен документарен филм добива автоматска квалификација за влез во трката за номинација за наградите Оскар. За Манчевски, кој минатите четири години беше изложен на политички притисоци од Агенцијата за филм откако јавно разоткри корупција, овој филм е потврда за решеноста да се создава уметност и да се зборува за важните општествени теми и покрај сите системски опструкции.








