АРТВЕСТИИМПУЛС
Во тренд

Македонска премиера на „Добри луѓе“: Новиот документарец на Манчевски за трагедијата во Кочани доаѓа на МакеДокс

Новиот документарен филм на прославениот македонски режисер Милчо Манчевски, со наслов „Добри луѓе“ (Good People), ќе ја доживее својата македонска премиера на 23 август во рамките на Главната програма на Фестивалот за креативен документарен филм „МакеДокс“.

Филмот ќе биде прикажан надвор од главната конкуренција, а ќе биде овенчан со Наградата за етички идеи. Документарецот е посветен на една од најголемите трагедии во поновата македонска историја – катастрофалниот пожар во ноќниот клуб во Кочани, во кој животот го загубија 63 млади луѓе.

Под слоганот „Кога добрите луѓе горат во пеколот“, филмот сведочи за тагата што останува, но и за силата да се продолжи понатаму.

„Преку гласовите на преживеаните, семејствата и луѓето што несебично помогнале, Манчевски создава интимна рефлексија за загубата, сеќавањето и надежта. Без сензационализам, филмот им дава достоинство на личните сведоштва, претворајќи ги во универзална приказна за солидарноста, човечноста и истрајноста пред една незамислива трагедија“, се наведува во најавата за филмот.

Режијата и сценариото се на Милчо Манчевски, директор на фотографија е Иван Ивановски, монтажата е дело на Мишко Чунихин, додека музиката ја потпишува Игор Василев – Новоградска. Филмот е во траење од 86 минути, а продукцијата е на Милчо Манчевски и „Банана Филм“.

Од 20 до 27 август со мото „Само сонот е стварност“ ќе се одржува 17. Фестивал на креативен документарен филм „МакеДокс“.

„МакеДокс“ го најавува 17-тото издание под мотото „Само сонот е стварност“ во чест на Илинденка Петрушева

Во осумте фестивалски дена ќе бидат прикажани 71 филм – нови документарци, ќе има над сто гости од странство и обемна дополнителна програма со мастер-класови, работилници, панел-дискусии и дводневен МакеКоПроДокс форум за развој на проекти од регионот.

Редакција Брц

Поврзани вести

Back to top button