Македонскиот народен театар (МНТ) успешно ја заокружи сезоната 2025/2026 – година исполнета со 12 премиерни продукции, престижни награди, значајни гостувања во земјата и странство и јубилејното одбележување на 80-годишнината од основањето на театарот, соопштија денеска од НУ Македонски народен театар.
Како што информираат од националниот театар, новата сезона 2026/2027 ќе биде официјално отворена на 25 септември со премиерата на претставата „Три сестри“ според познатата драма на А.П. Чехов, во режија на Нела Витошевиќ. Билетите за премиерата, претпремиерата и за првата изведба закажана за 5 октомври се веќе пуштени во продажба од денеска, 24 јули.
Современа адаптација на драмскиот класик и богата фестивалска година
Од МНТ соопштуваат дека новата сценска адаптација на „Три сестри“ е дело на Васил Христов и Нела Витошевиќ, а драматургијата е на Викторија Рангелова-Петровска. Актерската екипа ја предводат Дарја Ризова (Ирина), Наталија Теодосиева (Маша) и Верица Недеска (Олга), заедно со Дамјан Цветановски, Благој Веселинов, Емил Рубен, Ивица Димитријевиќ, Нина Деан и Антонио Ташковски.
„Со нова енергија, нови идеи и уште поголеми уметнички предизвици, Македонскиот народен театар продолжува да ја гради својата мисија – да создава врвна театарска уметност и креативност со културни вредности. Сезоната ја одбележаа 12 премиерни проекти, бројни копродукции и престижни признанија, меѓу кои и Гран при наградата за ‘Страв и надеж’ на фестивалот ‘Војдан Чернодрински’, високата награда ‘Лауреат’ за Игор Џамбазов на фестивалот ‘Св. Јоаким Осоговски’, како и главната награда за ‘Народен пратеник’ на фестивал во Врање“, информираат од Македонскиот народен театар.
Дополнително, во изминатата сезона сцената на МНТ беше домаќин на еминентни театри од регионот, а ансамблот реализираше бројни гостувања во Будимпешта, Дубровник, Врање, Пожаревац, Ќустендил, Струмица, Куманово, Велес и Прилеп. Од раководството упатија искрена благодарност до публиката за довербата и ја најавија новата сезона со ветување за продолжување на врвната уметничка понуда.



