
Министерот за здравство Сашо Клековски призна дека „црвените светла“ се запалиле со задоцнување во Гостивар и дека институциите затаиле во однос на кризата со водата за пиење, соопшти денеска на прес-конференција Рената Младеновска, членка на Извршниот одбор на СДСМ.
Како што информираат од опозициската партија, во болницата во Гостивар помош побарале над 4.000 граѓани откако цели 22 дена жителите пиеле загадена вода за пиење. Од СДСМ посочуваат дека ваквото признание не ја намалува вината, туку го потврдува целосниот колапс на здравствениот и заштитниот систем.
Аларм и за водата во Болницата за белодробни болести во Лешок
Од СДСМ пренесуваат дека, освен во Гостивар, загрижувачка е состојбата и во други населени места, како и во болницата во Лешок.
„Кога веќе призна за Гостивар, Клековски треба да признае и за водата во Болницата за белодробни болести во Лешок, наместо да ги извртува фактите. Анализата во Лешок е направена од Центарот за јавно здравје во Тетово, а резултатот е пратен до АХВ и Министерството за здравство. Прашањето е дали постапиле овие институции кога го добиле резултатот или повторно ‘црвените светла’ задоцниле? Ниту едно признание нема да ги заштити граѓаните ако по него не следуваат оставки и одговорност. Мора да има целосно утврдување на одговорноста, оставки од Клековски, Андоновска и Миланов, како и итни контроли и анализи на квалитетот на водата во целата држава“, соопштуваат од СДСМ.
Од опозициската партија потенцираат дека граѓаните немаат корист од доцни признавања додека им е загрозено здравјето, барајќи институциите итно да започнат со вонредни контроли на водоводните мрежи низ целата земја.









