ВЕСТИВИДИГИТАЛИМПУЛС
Во тренд

Сем Алтман тврди дека вештачката интелигенција достигна сингуларност

Првиот човек на компанијата „OpenAI“, Сем Алтман, смета дека човештвото веќе влезе во таканаречената сингуларност – моменталната точка во развојот на технологијата за која до неодамна се пишуваше само во научно-фантастичните романи. Оваа изјава доаѓа непосредно по невидениот инцидент во кој еден од нивните ВИ модели самостојно ги проби безбедносните протоколи и ја хакираше платформата „Hugging Face“, објави „Бизнис Инсајдер“ (Business Insider).

Сингуларноста во науката се дефинира како момент во кој вештачката интелигенција ја надминува човечката интелигенција и започнува да се развива со брзина која луѓето повеќе не можат предвидливо да ја контролираат.

„Го чекав ова целиот мој живот“

Говорејќи во подкастот „Relentless“, Алтман истакна дека пред само една деценија разговорите за сингуларноста се воделе сосема опуштено и несериозно за време на ручеците со неговите колеги, додека денес тоа претставува реалност.

„Сега всушност се наоѓаме во моментот за кој порано зборувавме на маса. Го чекав ова целиот мој живот и мислам дека ова ќе биде неверојатно, исклучително позитивно и прекрасно за целиот свет“, изјави Алтман, кој претходно прогнозираше дека вештачката интелигенција целосно ќе ја надмине човечката до 2030 година и ќе преземе меѓу 30 и 40 проценти од работните обврски на луѓето.

Критика за песимистите и поделени мислења во индустријата

Поимот за сингуларноста со децении беше фаворит во научно-фантастичната литература и филмската уметност, каде што сценаријата најчесто завршуваат катастрофално за човештвото, како во познатиот филм „Терминатор“. Сепак, Алтман отворено ги критикуваше своите ривали од индустријата кои постојано шират паника и шират застрашувачки визии за иднината, посочувајќи дека ќе се бори против таквите наративи.

Технолошкиот сектор останува длабоко подделен околу овој миг. Додека директорот на „DeepMind“, Демис Хасабис, смета дека човештвото се наоѓа на самиот праг од оваа трансформација која ќе биде сто пати поголема од Индустриската револуција, шефот на „Nvidia“, Џенсен Хуанг, ги отфрла ваквите тврдења како измислени и чисто спекулативни.

Редакција Брц

Поврзани вести

Back to top button