Иако опцијата за меморија (Memory) на ChatGPT ветуваше крај на повторувањето на исти инструкции, многу корисници ја користат погрешно, третирајќи ја како обично место за складирање случајни факти. Според експертот Аманда Касвел, со примена на неколку едноставни промени, оваа алатка може да се трансформира од обичен чет-бот во вистински и корисен асистент.
За да го добиете максимумот од вештачката интелигенција, потребно е да се фокусирате на следниве пет детални предлози:
1. Исчистете ги старите мемории
Меморијата не е наменета да стане „таван полн со застарени информации“.
Кога чувате застарени имиња на проекти, стари преференции или инструкции кои си противречат, тоа активно ја збунува вештачката интелигенција.
Како резултат на контрадикторни инструкции (на пример, барање за формален тон пред шест месеци, а разговорен тон минатата недела), ќе добивате неконзистентни одговори.
Решението е брзо и едноставно: Одете во Settings > Personalization > Memory и избришете сè што е нерелевантно или застарено, што веднаш ќе го подобри квалитетот на одговорите.
2. Зачувувајте преференции, а не факти
Нема никаква вредност ChatGPT да знае дека сакате кафе или која ви е омилена песна, бидејќи таквите информации речиси никогаш не го менуваат начинот на кој тој комуницира со вас.
Наместо факти, фокусирајте се на стилот на комуникација – сфатете го ова како основни насоки што би му ги дале на нов член на тимот на неговиот прв работен ден.
Побарајте од ботот да запамети дека претпочитате разговорен тон, одговори структурирани во набројувања (булети) и дека не сакате типични АИ клишеа и фрази.
Главното правило пред да зачувате нешто е да се прашате: дали оваа меморија ќе го промени начинот на кој ChatGPT пишува во идните разговори?.
3. Дозволете му да ги запамети долгорочните проекти
За задачите што ги извршувате постојано и рутински (како пишување неделни извештаи за тимот, менаџирање табели или листи), зачувајте го контекстот само еднаш.
На овој начин нема да морате постојано да ја објаснувате позадината секојпат кога ќе отворите нов разговор.
Со поставување стабилен контекст, разговорите стануваат многу потечни бидејќи ChatGPT веќе ја знае суштината на проектот.
4. Користете нови, привремени разговори кога е потребно
Опцијата за меморија не значи дека секој следен разговор мора да се надоврзува на претходниот.
Кога истражувате сосема нова тема или сакате да тестирате нова идеја, отворете привремен разговор (temporary chat) за претходните мемории да не влијаат врз одговорот.
Ова ви овозможува да добиете „чиста страница“ и поинаква перспектива, надвор од вашите стандардни преференции за стил и тон, без притоа да ги изгубите трајно.
5. Третирајте го ChatGPT како личност што ја обучувате
Ова е промената која прави најголема разлика – обуката на алатката никогаш не престанува.
Како што еден нов колега не може да ги знае вашите навики првиот ден, така и вештачката интелигенција мора да се насочува со текот на времето.
Кога ќе добиете одличен одговор, нагласете му на ChatGPT зошто ви се допаѓа и побарајте да го примени тоа и следниот пат.
Кога ќе згреши, бидете специфични во критиката – објаснете што точно не ви се допаѓа (на пример, дека е премногу формално или корпоративно), наместо само да кажете „не ми се допаѓа ова“.
Пет конкретни промптови кои вреди да ги тестирате
Авторката на текстот предлага и неколку прецизни команди кои веднаш ќе ја подобрат меморијата на вашиот асистент:
-
„Запамети дека претпочитам концизни одговори, освен ако експлицитно не побарам повеќе детали.“
-
„Запамети дека работам на [име на проект] – еве го клучниот контекст: [детали].“
-
„Тој одговор беше точно тоа што го барав поради [наведете причина]. Запамети го тој стил за следниот пат.“
-
„Запамети какви примери ми се најкорисни – практични и специфични, а не апстрактни.“
-
„Кои мемории ги имаш моментално за мене? Кои од нив ти изгледаат застарено?“ (Ова е одлична брза ревизија за чистење на системот).
Аманда Касвел на крајот советува – Не ви се потребни стотици зачувани информации. Неколку внимателно одбрани преференции и навремени корекции се многу повредни од десетици рандом факти.










