АРТВЕСТИИМПУЛССТАВСЦЕНА

„Одисеја“ на Кристофер Нолан мора да се доживее во кино

ЈАНЕ ЃОРЃИОСКИ

Ја гледав Одисеја на Кристофер Нолан. Овој филм се гледа на кино за да се види неговата големина, па и да не е IMAX киното. Од тоа како Нолан ја раскажал приказната за Одисеј, до како Зендаја ја пренесе Атина, а Дејмон Одисеј, Холанд син му, па сè до врвната фотографија и сценско доживување.

Нолановата Одисеја е филм создаден за големото платно. Иако идеалното доживување несомнено го нуди IMAX-проекцијата, која за жал немав можност да ја искусам, неговата визуелна и звучна моќ може да се почувствува и во обична кино-сала. Ова не е филм што треба да се гледа на мобилен телефон или попатно, туку спектакл на кој треба целосно да му се препуштите, се разбира ако седиштата се удобни и ти дозволуваат да не мрднеш од место долго време.

Што направи Нолан од Одисејата на Хомер?

Ја зема една од најпознатите приказни на античка Грција и западната цивилизација и ја претвора во современ филмски еп, без да ѝ ја одземе митската големина. Дури гледав ми се враќаа слики од Одисеј што го глумеше Арман Асанте и си велев, боже колку е ова различно и повешто доловено. Патувањето на Одисеј по Тројанската војна не е прикажано само како низа средби со чудовишта, богови и натприродни сили. Тоа е и приказна за последиците од војната, за вината, загубата и упорната желба човекот да се врати дома.

Тука сосема ќе се согласам со Питер Бредшо кој вели дека Мет Дејмон го игра Одисеј како истрошен воин и искусен стратег кој под тежината на сопствените одлуки постепено се менува. Неговиот јунак не е недопирлива легенда, туку човек што мора да се соочи со она што го направил и со она што го изгубил. Дел од критиките токму во оваа почовечна интерпретација ја препознаваат суштината на Нолановата адаптација, иако некои критичари сметаат дека со тоа е ублажена лукавоста и моралната двосмисленост на Одисеј од Хомеровиот еп.

Зендаја ја очовечува богињата Атина до совршенство. Том Холанд како Телемах ја носи младешката несигурност на синот кој го познава татка си повеќе како легенда отколку како човек, додека Ен Хатавеј како Пенелопа му дава емоционална тежина на домот во кој Одисеј се обидува да се врати. Блеска тука и Роберт Патинсон, како Антинос – негативецот што сака да ја ќари Пенелопа, и Џон Бернхал како Менелај. Што направил Нолан со Саманта Мортон како волшебничката Кирка и како се претставени тие неколку сцени на метаморфоза на одисеовите воини е на раб на невидено досега во кенематографијата. И можам така да редам мали режисерски ремек-дела до недоглед.

Фотографијата на Хојте ван Хојтема, го одзема здивот. Морето, карпите, бродовите и митските суштества не се само сценографија, туку сила што постојано ги надвиснува ликовите. Најверојатно тоа му доаѓа зашто филмот е снимен целосно со IMAX-камери, а неговиот формат и физичката големина на кадарот се клучен дел од доживувањето.

Мене ми се допадна сè, од начинот на кој е раскажана приказната, преку актерските толкувања, до фотографијата, звукот и сценското доживување.

„Одисеја“ трае 173 минути, но времето минува изненадувачки брзо. Тоа е умешности на Нолан. Тоа е занает усовршен до совршенство. Истот го доживеав и со Интерстелар.

Ова можеби не е најверната можна екранизација на Хомер, но е моќно, амбициозно и вистински кинематографско толкување. Филм што не се гледа само за да се следи приказната, туку за да се почувствува неговата големина.

Back to top button