Министерство за здравство: Нема нови случаи на западнонилска треска
Епидемиолошката состојба во Гостивар останува стабилна и континуирано се следи од надлежните здравствени институции, соопштија денеска од Министерството за здравство. Институтот за јавно здравје известува и за состојбата со западнонилската треска и потврдува дека не се пристигнати нови лабораториски потврдени случаи на западнонилската треска.
Во текот на 2 август биле регистрирани вкупно 84 први прегледи, што претставува зголемување за 27 пациенти во споредба со претходниот ден, кога биле евидентирани 57 прегледи. Сепак, од Министерството посочуваат дека и покрај ова дневно зголемување, бројот на прегледи останува значително понизок во однос на пикот забележан на 18 јули, кога имало вкупно 649 прегледи.
Негативни ПЦР-тестови за суспектните пациенти
Во однос на западнонилската треска, до Институтот за јавно здравје не се пристигнати нови лабораториски потврдени случаи, а последните примероци од суспектните случаи се негативни на ПЦР-тестирањето.
„На Клиниката за инфективни болести нема новопримени пациенти со сомнение за западнонилска треска. Министерството за здравство, во координација со надлежните институции, продолжува внимателно да ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за сите нови релевантни податоци“, се наведува во официјалното соопштение.
Заклучно со 30 јули, во државата се потврдени вкупно 13 случаи на западнонилска треска. Од нив, 10 пациенти се хоспитализирани на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, а тројца се наоѓаат во критична здравствена состојба, соопшти Министерството за здравство.
13 случаи на западнонилска треска: Tројца се во критична состојба
Од вкупниот број заболени шест се од Драчево, по двајца се од Аеродром и Гази Баба, а по еден од Илинден, Сопиште и Велес.


