Министерството за здравство формира координативно тело за западнонилската треска: 35 заболени и три смртни случаи

Министерството за здравство презема засилени и координирани активности за следење и справување со состојбата со западнонилската треска во земјава, се наведува во најновото соопштение од оваа институција. Од таму додаваат дека Комисијата за заразни болести редовно ја следи епидемиолошката состојба и предлага соодветни мерки.
Како што информираат од ресорното министерство, на иницијатива на министерот Сашо Клековски е формирано координативно тело во кое, покрај здравствениот сектор, се вклучени и Агенцијата за храна и ветеринарство, претставници на Град Скопје, како и градоначалникот на една од засегнатите општини, со цел усогласено постапување.
„Ги ставаме на располагање сите институционални капацитети и воспоставуваме засилена меѓуинституционална координација. Наш приоритет е навремено откривање на случаите, соодветен третман на пациентите и максимална заштита на здравјето на граѓаните“, истакнал министерот Клековски, пренесуваат од Министерството.
Во однос на епидемиолошката слика, официјалните податоци во владиното соопштение покажуваат дека во моментов се регистрирани 35 потврдени и три суспектни случаи. Според нивните информации, досега има три смртни случаи, додека 15 пациенти се излекувани и отпуштени од болница. Како што пренесува министерството, директорот на Клиниката за инфективни болести, д-р Фадил Цана, информирал дека кај 34 пациенти болеста е лабораториски потврдена токму на оваа клиника.
Од Министерството за здравство најавуваат дека граѓаните во зафатените подрачја ќе добијат СМС-пораки со конкретни препораки за заштита. Како што стои во нивната објава, паралелно се спроведуваат плановите за прскање против комарци, а Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) ќе изврши вонредни контроли.





