
Екстремниот топлотен бран што ја зафати Централна и Источна Европа собори температурни рекорди во повеќе земји, ги продлабочи сушите, го зголеми ризикот од шумски пожари и почна директно да го погодува производството на електрична енергија, објави денеска британски „Гардијан“. Во Словачка била измерена температура од 42 Целзиусови степени, додека рекордни или исклучително високи температури се регистрирани и во Австрија и Унгарија.
Во словачкото место Долне Плахтинце во четвртокот биле измерени 42 степени, што претставува нов температурен максимум, според податоците што ги пренесува „Гардијан“. Словачкиот хидрометеоролошки институт уште пред актуелниот врв на жештината предупредуваше на сериозен недостиг од врнежи и изразена суша на почвата, особено во пониските делови од земјата.
Во Австрија температурата достигнала 41,2 степени, со што бил поставен нов национален рекорд, додека Унгарија исто така регистрирала рекордни вредности. Неколку дена претходно, во австрискиот Визелбург бил измерен јулски максимум од 40,3 степени, само 0,2 степени под тогашниот апсолутен рекорд од 2003 година.
Ниското ниво на реките создава проблеми за електраните
Последиците од долготрајната суша веќе не се ограничени само на земјоделството и природните екосистеми. Во Полска, критично ниското ниво на Висла ги принудило властите да ги исклучат термоелектраните Коженице и Поланец, бидејќи немало доволно вода за нивно ладење. Со тоа од електроенергетскиот систем биле повлечени околу 1,3 гигавати производствен капацитет.
Проблемите со водоснабдувањето на електраните ја покажуваат ранливоста на традиционалниот енергетски систем на екстремни климатски услови. Полските водни власти и претходно бележеле ограничувања на пловидбата и инфраструктурни проблеми во делови од Висла поврзани со електраните Коженице и Поланец.
Полскиот премиер Доналд Туск ги повикал работодавците да обезбедат безбедни услови за работа за време на жештините, вклучително климатизација и доволно студена вода за вработените.
Проблеми има и долж Дунав. Ниското ниво на реката претходно принуди нуклеарни реактори во Унгарија и Романија да го намалат или прекинат производството поради недостиг од вода за ладење. Унгарската нуклеарна централа Пакс, која во нормални услови обезбедува речиси половина од електричната енергија во земјата, работеше со значително намален капацитет.
Половина милион хектари изгорени во ЕУ
Жештината и сушата истовремено создадоа исклучително опасни услови за шумски пожари. Според податоците на Европскиот информативен систем за шумски пожари што ги цитира „Гардијан“, од почетокот на годинава во Европската Унија изгореле околу 500.000 хектари, најголем дел во Шпанија и Франција. Дополнителни околу 292.000 хектари изгореле во Украина.
Опасноста не се мери само според површината зафатена од пламените. Таканаречените „fire weather“ услови, комбинација од високи температури, суша и ветер што овозможува брзо ширење на пожарите, достигнале рекордни нивоа за овој период од годината во делови од Централна Европа. Во Австрија индексот бил повеќе од двојно над претходниот рекорд, во Чешка повеќе од 50 проценти над него, а во Словачка 32 проценти.
Франција и Шпанија веќе поминаа низ особено тешка сезона на пожари. До крајот на јули Франција го надминала претходниот рекорд за изгорена површина за цела сезона, додека стотици илјади луѓе биле евакуирани во двете земји.
Климатските промени ја зголемуваат веројатноста за вакви екстреми
Научниците предупредуваат дека актуелната ситуација не може да се разгледува одвоено од глобалното затоплување. Брза анализа на мрежата World Weather Attribution утврди дека климатските промени предизвикани од човечката активност ги направиле топлите, суви и ветровити услови што ги поттикнаа пожарите најмалку 20 пати поверојатни во Шпанија и околу двапати поверојатни во Франција.
Еколошките организации предупредуваат и на парадоксот дека електраните зависни од фосилни горива, кои придонесуваат кон емисиите на стакленички гасови, истовремено стануваат сè поранливи на последиците од екстремната жештина и сушата.
Полската организација ЕКО-УНИА оцени дека актуелната криза треба да биде предупредување за цела Европа и повика на побрз развој на ветерната и соларната енергија, технологии кои користат значително помалку вода при производство на електрична енергија.
Европското лето во 2026 година досега е обележано со повеќе последователни топлотни бранови, екстремни суши и големи шумски пожари, а научниците предупредуваат дека со продолжувањето на глобалното затоплување ваквите временски екстреми ќе стануваат почести и поинтензивни.



