ВЕСТИМАКЕДОНИЈАПОЛИТИКА

„Пратеници.мк“: Нова дигитална алатка на собраниските податоци за граѓаните и јавноста

Следењето на пратеничките прашања, активностите на пратениците и работата на нивните канцеларии отсега е олеснето преку новата дигитална платформа „Пратеници.мк“, која има за цел да ги доближи отворените податоци на Собранието до граѓаните, новинарите, истражувачите и граѓанските организации, информираат од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС).

Интерактивниот панел, како што појаснуваат од Институтот, ги претвора сложените и технички формати на собраниските отворени податоци во прегледни и лесно пребарливи информации, со можност за филтрирање и споредување. Од таму додаваат дека целта на платформата, развиена врз основа на официјалните податоци на Собранието на Република Северна Македонија, е да придонесе кон поголема транспарентност и отчетност, покажувајќи дека отворените податоци имаат вистинска вредност само кога се разбирливи и употребливи за јавноста.

„Пратеници.мк е создаден за секој што сака брзо и лесно да дојде до релевантни информации за работата на избраните претставници. Интерактивниот панел се служи со отворените бази на податоци достапни на open.data порталот на Собранието, и нуди можност за нивно користење, пребарување и визуелизација на едноставен и интуитивен начин“, се наведува во изјавата на Александра Јовевска, раководителка на Центарот за парламентарна поддршка и демократизација во ИДСЦС.

Оваа дигитална алатка е развиена во рамките на проектот „Отворени податоци на Собранието во пракса: Поттикнување граѓанско учество“, за кој од ИДСЦС посочуваат дека е поддржан преку грантовата шема „Digital Spark“ на Фондацијата Метаморфозис и TechSoup. Од организацијата информираат дека панелот е веќе достапен за користење на македонски, албански и англиски јазик.

Back to top button