ВЕСТИЕДНАКВИ

Во Собранието одбележан Меѓународниот ден на белиот стап

Во Собранието се одржа настан по повод Меѓународниот ден на белиот стап во организација на ИППГ, со фокус на правата, пристапноста и еднаквоста на лицата со оштетен вид.

По повод Меѓународниот ден на белиот стап, во Собранието на Македонија денеска се одржа тематски настан во организација на Интерпартиската парламентарна група (ИППГ) за правата на лицата со попреченост, соопшти собраниската прес-служба. Настанот беше реализиран во соработка со Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“, Националниот сојуз на слепи и организацијата за попреченост и правда „Зета“.

Претседавачот на ИППГ, Никола Мицевски, во своето обраќање нагласи дека секој човек има право на независен живот, пристап до образование и здравствена заштита. Тој посочи дека пристапноста не претставува дополнителна придобивка, туку неопходен чекор кон вистинска еднаквост и отстранување на бариерите со кои се соочуваат лицата со попреченост.

Директорката на училиштето „Димитар Влахов“, Александра Јаковчевска, и претседателка на Здружението на слепи и лица со оштетен вид – Скопје, Валентина Ѓурчиновска, ги презентираа секојдневните предизвици со кои се соочуваат овие лица, акцентирајќи ја потребата од непречено образование, континуирана поддршка и подобрување на условите за независно функционирање.

На настанот се обратија и претставници на извршната власт. Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, истакна дека Министерството е во постојана комуникација со организациите и работи на законски реформи за унапредување на правата. Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, укажа на преземените активности за зајакнување на инклузивноста во образовниот процес и зголемување на самостојноста на учениците.

Владината портпаролка Марија Митева нагласи дека институционална обврска е мерките да бидат достапни до крајните корисници, додека министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, ја истакна важноста од обезбедување лесен и самостоен пристап до дигиталните административни услуги за сите граѓани. Пред присутните се обрати и пратеничката Емилија Ангелова, членка на ИППГ, која порача дека пристапот до институциите е основно човеково право, а не привилегија.

Настанот заврши со отворена дебата во која лицата со попреченост ги споделија своите лични искуства и понудија предлози за подобрување на нивната секојдневна пристапност и рамноправност во општеството.

Меѓународен ден на белиот стап: Помагалото е само почеток, клучот е во пристапната средина

Back to top button