Две градинки во Карпош добиваат фотонапонски централи, Општината испраќа помош и за Гостивар

Две детски градинки на територијата на Општина Карпош ќе добијат фотонапонски електроцентрали, како дел од проектот „Карпош Sustainable Housing Lab“ кој има за цел намалување на емисиите на јаглерод диоксид и подобрување на комфорот на живеење. Ова е само една од 13-те точки кои беа усвоени на денешната 16-та седница на Советот на Општина Карпош, на која се донесоа и низа други одлуки во сферата на образованието, буџетот и меѓуопштинската солидарност.
Според предвидениот проект, фотонапонски системи ќе се инсталираат во објектот „Ѕвездички“ (Карпош 2) при ЈУОДГ „Орце Николов“ со максимална моќност до 13kWp, како и во објектот „Виножито“ (Бардовци) при ЈУОДГ „Распеана Младост“ со моќност до 9kWp. Проектот е резултат на јавниот повик на ГЕФ Програмата за мали грантови имплементирана од УНДП, преку кој се обезбедени грант средства од 3,3 милиони денари (60.000 долари). Општина Карпош ќе кофинансира со 350.000 денари од општинскиот буџет.
На седницата, на иницијатива на градоначалникот Сотир Лукровски, Советот изгласа и доделување хуманитарна финансиска помош од 150.000 денари за Општина Гостивар. Средствата се наменети како израз на солидарност за жителите погодени од неодамнешното загадување на водата за пиење.
Донации за училиштата и нови комисии
На дневен ред беа и одлуки поврзани со унапредување на условите во основните училишта и локалното организирање на младите:
Прифатена е донација од 570.000 денари од компанијата „БИТЕМ ДООЕЛ“ за санација на покривот во ООУ „Владо Тасевски“, како и донација од 267.871 денар од Фондацијата „Д-р Верица Механџиска“ за опремување сензорна соба во ООУ „Лазо Трповски“.
ООУ „Вера Циривири Трена“ времено ќе отстапи седум училници за потребите на ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во попладневните часови, со обврска музичкото училиште да ги покрива трошоците за електрична енергија.
Усвоена е одлука за конституирање на Локално собрание на млади на Општина Карпош преку формирање Иницијативен одбор кој ќе го распише јавниот повик.
Формирана е нова Комисија за проценка и утврдување на штета од природни непогоди и други несреќи.
Мнозинството во Советот го усвои и Кварталниот извештај за извршување на Буџетот за периодот од јануари до јуни 2026 година.

