ВЕСТИСВЕТ

ТРАМП ПОТВРДИ: Минатиот месец тајно променил авион во Турција [ВИДЕО]

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека минатиот месец тајно променил авион во Турција по директива на американската Тајна служба, но нагласи дека воениот авион со кој конечно летал бил поранлив од претседателскиот „Air Force One“ (Ер Форс Еден), објави Ројтерс.

Филмска евакуација преку камион за кетеринг

По самитот на НАТО во Анкара, Трамп бил префрлен од претседателскиот авион во воен авион преку камион за кетеринг. Оваа несекојдневна безбедносна измама била поттикната од закана за атентат од страна на Иран, објавија американските медиуми. Белата куќа не ја откри оваа промена и таа остана тајна сè додека „Вашингтон пост“ не го објави случајот, цитирајќи неименувани извори.

Дел од медиумите и аналитичарите веднаш поставија прашања дали ваквата операција ги оставила соработниците на Трамп и новинарите, кои патувале со него и останале во оригиналниот авион, изложени на директен ризик.

Одговорот на Трамп

Откако социјалните мрежи беа преплавени со мемиња кои го прикажуваат претседателот како се крие во камион за храна, Трамп пред новинарите се бранеше дека само ги следел безбедносните протоколи, но и дека смета оти неговиот резервен лет бил всушност поризичен.

„Мислам дека авионот со кој летав беше во поголем ризик бидејќи тоа би бил авионот кон кој најверојатно би целеле. Се е до Тајната служба. Само го следам она што тие сакаат да го направат, па се потпирам на Тајната служба и војската. Претпоставувам дека имаше некаква закана, не прашував премногу. Добивам многу закани“, изјави Трамп.

Трамп пристигна во Анкара со неодамна реновиран авион дониран од Катар, но неочекувано најави дека за заминувањето кон Британија ќе користи постар модел на „Air Force One“. Ова го означи првото меѓународно патување на новиот авион, чии брзи надградби предизвикаа прашања околу неговата цена и безбедност, особено во време на ескалација на непријателствата со Иран кој граничи со Турција.

Поврзани вести

Back to top button