ВЕСТИИМПУЛССВЕТ
Во тренд

Трамп сака да го преименува Ново Мексико во „Нова Америка“ во нова серија географски промени

Американскиот претседател Доналд Трамп планира нова промена на географските имиња, овој пат насочувајќи се кон сојузната држава Ново Мексико, објави британски „Индипендент“.

Трамп на својата социјална мрежа „Трут соушл“ (Truth Social) објави мапа од оваа американска држава на која зборот „Мексико“ е пречкртан и заменет со зборот „Америка“.

Овој потег доаѓа по серијата контроверзни промени на географските поими кои претседателот ги иницираше во својот втор мандат.

Како што потсетува Индипендент, во јануари 2025 година, Трамп потпиша извршна наредба за преименување на Мексиканскиот Залив во Американски Залив, како и за враќање на името на највисокиот врв во Северна Америка од Денали во Маунт Мекинли. Кон крајот на минатиот месец, тој донесе слична одлука за преименување на езерото Онтарио во Езеро Америка, во екот на економските и трговските тензии со Канада.

Ваквиот потег предизвика различни реакции кај технолошките гиганти – додека навигациската апликација „Мапквест“ (MapQuest) одби да го промени името и забележа раст на преземањата, компаниите „Епл“ и „Гугл“ попуштија и го сменија името за американските корисници.

Најновата иницијатива за преименување на Ново Мексико предизвика лавина реакции. Групата „Републиканци против Трамп“ остро го критикуваше предлогот, додека конзервативните поддржувачи ја поздравија идејата.

Покрај промените на земјината географија, Трамп објави и слика од Месечината со натпис „Месечината е наша“, пишува „Индипендент“.

Инаку, според истражувањето на Си-ен-ен (CNN) спроведено кон крајот на јули, 73 отсто од Американците сметаат дека претседателот не обрнува доволно внимание на најважните проблеми во земјата, додека се фокусира на оставање лично наследство, вклучително и скапи реновирања во Белата куќа и неуспешни обиди за ставање на своето име на културни институции како Центарот за сценски уметности „Џон Ф. Кенеди“.

Поврзани вести

Back to top button