
СДСМ и Министерството за образование и наука (МОН) влегоа во отворена пресметка откако опозициската партија обвини дека Владата преку Државниот просветен инспекторат спроведува хајка за смена на неподобни директори, на што МОН возврати дека СДСМ се обидува да брани и пропагира незаконско работење.
На прес-конференција, Јованче Манасков од Комисијата за образование на СДСМ, истакна дека образованието е „под окупација од ВМРО“ и дека се врши политичка операција за поставување на партиски послушници. Според него, двајца конкретни инспектори, Мирјана Насковска и Тони Илиев, се користат како „инспектори од доверба“ за вршење вонредни надзори и притисок врз директори да си дадат оставки. Како пример го посочи средното училиште „Панче Арсовски“ во Скопје.
„Власта и министерката Јаневска создадоа хаос во образованието. Се отпуштаат наставници и се затвораат над 20 подрачни училишта ширум државата. Дали инспекцискиот надзор е претворен во механизам за смена на неподобни директори? Бараме Државниот просветен инспекторат веднаш да ја запре оваа политичка операција, бидејќи училиштата не се партиски штабови“, изјави Манасков, додавајќи дека дел од директорите веќе ги оспориле решенијата пред Управниот суд.
МОН: СДСМ манипулира, структурата на Инспекторатот е иста како во нивно време
Експресно реагираше Министерството за образование и наука, оценувајќи ги обвинувањата на СДСМ како обид за манипулација. Од МОН посочуваат дека структурата на Државниот просветен инспекторат е идентична како во времето кога опозицијата управувала со институцијата и дека тогаш не ги спомнувале имињата на инспекторите кои денес се обидуваат да ги оцрнат.
„Неверојатно е како оваа политичка партија секогаш застанува во одбрана на противзаконското работење и поддржува непочитување на правниот систем. Нерегуларности се констатирани и во работењето на училиштето „Панче Арсовски“, и секако дека таму се постапува според законските прописи, што оваа партија го смета за политичка пресметка“, стои во реакцијата на МОН.
Од Министерството додаваат дека затворањето на руралните училишта поради недостиг на ученици е резултат на погубните политики на СДСМ, обвинувајќи ги дека за седум години го намалиле бројот на ученици за 17 илјади. МОН потенцира дека во изминатите две години актуелната Влада инвестирала над 70 милиони евра во инфраструктура, обезбедила учебници навреме, донела нова регулатива и ги зголемила платите на наставниците за над 20%.
