БАЛКАНВЕСТИ

Историски нискиот Дунав ја запре нуклеарката Чернавода, Романија презема итни мерки

Романија презема вонредни мерки за да обезбеди доволно вода за ладење на нуклеарната централа Чернавода, која останува целосно исклучена поради историски нискиот водостој на Дунав. Националниот комитет за вонредни ситуации одобри пакет интервенции што треба да помогнат во зголемувањето на протокот на вода кон централата, објави Ројтерс, повикувајќи се на романската влада.

Двата реактора на единствената романска нуклеарна централа во моментов не произведуваат електрична енергија. Првиот реактор беше контролирано исклучен кон крајот на јули, а вториот на 13 август, откако нивото на Дунав падна под границата потребна за безбедно функционирање на системите за ладење. Чернавода во нормални услови обезбедува околу 20 проценти од електричната енергија во Романија.

Меѓу новите мерки е итно продлабочување на коритото на Дунав во областа на Чернавода. Романските власти планираат и изградба на хидротехничка преграда на Стариот Дунав, со која дел од водата ќе се насочува кон каналот Дунав–Црно Море и кон водозафатот што ги снабдува системите за ладење на централата.

Министерството за енергетика и државната компанија „Хидроелектрика“ почнаа и со дополнително испуштање вода од акумулациите на реката Олт. Во период од пет дена треба да се обезбедува дополнителен просечен проток од околу 50 кубни метри вода во секунда, со цел да се помогне во зголемувањето на протокот на Дунав.

Во областа ќе бидат распоредени и пумпи со голем капацитет, кои по потреба ќе го одржуваат нивото на водата неопходно за функционирање на централата. Во операцијата се вклучени и специјалисти од романското Министерство за одбрана, кои вршат хидрографски и геодетски мерења, како и воени нуркачи за подводните работи.

Романија прогласи енергетска вонредна состојба за целиот август поради падот на производството на електрична енергија. Владата побара од компаниите и домаќинствата доброволно да ја намалат потрошувачката во вечерните часови, а за надоместување на недостигот се користат дополнително производство од јаглен, ветерни и хидроцентрали и увоз на струја.

Кризата во Чернавода е дел од пошироките последици од сушата што летово погоди голем дел од Европа. Исклучително ниските нивоа на Дунав веќе го отежнуваат речниот транспорт и го ограничуваат производството на електрична енергија и во други земји долж реката.

Back to top button