ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

ЦУК: Регистрирани 14 пожари до 13 часот, пет се сè уште активни

До 13 часот денеска се регистрирани вкупно 14 пожари на отворен простор ширум државата, од кои пет се сè уште активни, еден е ставен под контрола, додека осум се целосно изгаснати, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

​Како што соопштуваат од ЦУК, активните жаришта каде што екипите сè уште се борат со огнот се лоцирани во неколку различни општини:

​Студеничани и Зелениково: Гори мешана шума на потегот од село Моране кон Вртекица и Рамни Габер, со крак кој се шири кон селата Палиград и Вражале.

​Македонски Брод: Пожар кој зафаќа ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки е активен кај селата Драгов Дол (месност Видуш) и Локвица.

​Илинден: Во оваа општина се активни два пожари кои зафатиле ниска вегетација – едниот кај Логистичкиот центар на КАМ, а другиот во атарот на селото Бујковци.

​Сарај: Шумски пожар е регистриран кај селото Бојане.

​Под контрола е ставен еден пожар во Општина Кичево, кај селото Тајмиште (месност Дарда), каде што горела високостеблеста букова шума.

​Истовремено, од Центарот посочуваат дека противпожарните екипи успешно изгаснале осум пожари низ државата. Локализирани и целосно ликвидирани се пожарите во Струмица и Куманово каде што горело ѓубре, како и пожарите кои зафатиле ниска вегетација и шуми во општините Василево (с. Пиперево), Делчево (с. Бигла), Јегуновце (с. Туденце), Гостивар (с. Горна Ѓоновица и с. Чајле) и Врапчиште (с. Ломница и с. Ѓерѓевиште).

Back to top button