
Бројот на загинати лица во масовниот руски напад врз Киев, извршен на 20 август, се искачи на 15, додека 39 лица се повредени, пренесува украинската новинска агенција Укринформ.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, преку објава на платформата Телеграм ги потврди најновите информации за жртвите од гранатирањето.
„Според податоците од медицинските служби, 15 лица досега го загубија животот во Киев како резултат на масовниот непријателски напад врз главниот град“, соопшти Кличко.
Од Воената управа на градот Киев информираа дека бројката на повредени изнесува 39 лица. Од таму додаваат дека сите надлежни спасувачки и медицински служби се постојано на терен и продолжуваат со работа на погодените локации. Според претходните извештаи, беше соопштено за 13 загинати во синоќешниот масовен напад.
Паралелно со нападите врз главниот град, украинскиот премиер соопшти дека руските сили извршиле удари и врз складишта за храна, како и врз објекти на Црвениот крст во градот Бориспил.










