
Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, упати повик за национална мобилизација и граѓански отпор со цел да се спречи Владата да ги жртвува водата и електричната енергија на граѓаните за изградба на странски дата-центри. Според него, власта предводена од Христијан Мицкоски работи „под радарот“ за остварување на сопствени тендерски профити.
Како што посочува Филипче, денеска во Пехчево имало обид „на мала врата“ да се протне изградба на дата-центар, но под притисок на советниците од СДСМ и јавноста, точката била повлечена од дневниот ред. Сепак, тој предупредува дека тоа не значи оти власта се откажала од идејата.
„Ненародната влада не може да обезбеди чиста вода за граѓаните во над 50 населени места, увезува скапа струја, ама по секоја цена сака да ги жртвува и водата и струјата за профити. На крајот, кој ќе ја плати таа струја? Граѓаните преку повисоки сметки. Кој ќе нема вода? Граѓаните. Каде ќе оди затоплената вода? Никој не кажува“, прашува лидерот на СДСМ во своето обраќање.
Филипче обвинува дека планот е да се богатат луѓе блиски до Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ на штета на народот. Тој потенцира дека СДСМ е првата партија која јасно се спротивставила на ставањето на ресурсите под ризик поради бизнис интересите на власта.
На крајот, тој ги повика сите советници во општинските совети ширум државата да се обединат за да се спречи овој, како што го нарекува, грабеж.
„Мораме да го запреме ова зло што ни се подготвува. Кога веќе ги немаме механизмите на власта, можеме да имаме граѓански отпор кон оваа криминална власт. Ако денес не го направиме тоа, утре ќе биде доцна“, заклучува Филипче, повикувајќи ги и граѓаните да се приклучат во стопирањето на дата-центрите.
