ВЕСТИМАКЕДОНИЈАПОЛИТИКА

Апелација ја потврди ослободителната пресуда за Груевски во „Талир 2“

Апелациониот суд Скопје ја потврди ослободителната пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски во предметот „Талир 2“, со што ја одби како неоснована жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје. Одлуката е донесена на нејавна седница на 26 август, по разгледување на предметот КЖ-711/26 и предлогот на Вишото јавно обвинителство Скопје.

Апелација оценила дека дејствијата што Груевски ги презел како одговорно лице во политичката партија биле во рамките на неговите овластувања и дека Обвинителството не извело докази со кои би се утврдило дека неговото постапување било спротивно на Законот за финансирање на политичките партии.

Според образложението на второстепениот суд, Обвинителството не докажало надвор од разумно сомнение дека ГП „Бетон“, во моментот кога ги склучувал договорите со ВМРО-ДПМНЕ, имал својство на субјект што вршел јавни услуги во смисла на Законот за финансирање на политичките партии. Оттука, судот оценил дека не била утврдена законска забрана компанијата да донира средства на партијата, ниту обврска Груевски како одговорно лице да ги врати тие средства.

Првостепената ослободителна пресуда беше донесена од Основниот кривичен суд Скопје на 14 јули годинава. Кривичниот суд тогаш образложи дека измените на Кривичниот законик од 2023 година суштински го промениле описот на делото за кое се водела постапката и дека Обвинителството, врз основа на изведените докази, не успеало да докаже вина надвор од разумно сомнение.

„Талир 2“ се однесува на изградбата и финансирањето на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во центарот на Скопје. Предметот првично го отвори Специјалното јавно обвинителство, а по неговото згаснување постапката ја презеде редовното обвинителство.

Во првата судска постапка, во 2022 година, Груевски беше осуден на шест години затвор, а Кирил Божиновски доби условна казна. Беше определена и конфискација на имот поврзан со партиското седиште, но Апелациониот суд подоцна ја укина таа пресуда и предметот го врати на повторно судење.

Со потврдувањето на ослободителната пресуда отпадна и основата за конфискацијата во овој предмет, па ВМРО-ДПМНЕ го задржува седиштето и другиот имот што беше опфатен со постапката.

Back to top button