Транспортерите протестираат со камиони пред Делегацијата на ЕУ: Бараат решение за правилото 90/180

Македонските транспортери денеска од 12 до 14 часот ќе одржат предупредувачки протест пред Делегацијата на Европската Унија во Скопје, барајќи посебно решение за професионалните возачи кои поради природата на својата работа често престојуваат во земјите од Шенген-зоната. Протестот го организира Асоцијацијата „Макам-транс“, која ги повика превозниците, возачите и останатите вработени во секторот да се приклучат на собирот.
Пред Делегацијата на ЕУ се очекуваат околу 20 товарни возила од Скопје, како и претставници на транспортни компании и професионални возачи од различни делови на земјата. Истовремено, слични протестни активности се најавени и во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.
Главното барање е да се најде решение за примената на таканареченото правило 90/180 врз професионалните возачи. Според шенгенските правила, државјаните на трети земји кои имаат безвизен пристап можат да престојуваат во Шенген-зоната најмногу 90 дена во кој било период од 180 дена. Ова правило важи и за македонските државјани.
Транспортерите, сепак, посочуваат дека професионалните возачи не престојуваат во ЕУ како туристи, туку поради својата работа, при што во текот на годината имаат голем број влезови и излези од Шенген-зоната.
Според „Макам-транс“, проблемот дополнително станал видлив со електронското евидентирање на влезовите и излезите. Асоцијацијата на 26 август ги предупреди своите членки дека при секоја проверка се зема периодот од претходните 180 дена и се пресметуваат сите денови што возачот ги поминал во Шенген. Во пресметката влегуваат и деновите поминати приватно, на пример за време на годишен одмор.
Со проблемот, според податоците изнесени од транспортните здруженија, се засегнати околу 17.000 професионални возачи од Македонија, додека на ниво на земјите од Западен Балкан бројката се проценува на околу 100.000 возачи. Претставниците на секторот претходно предупредија дека неизвесноста при преминувањето на границите веќе влијае врз расположливоста на возачите и врз работењето на транспортните компании.
Денешниот протест доаѓа само еден ден пред состанокот на работната група во Брисел закажан за 1 септември, на кој претставници на земјите од регионот очекуваат конкретен предлог за надминување на проблемот.
Од транспортниот сектор како едно од можните решенија ја посочуваат можноста за посебен режим или професионални визи за возачите, со што нивниот престој поврзан со работата не би бил третиран исто како туристичкиот престој. Генералната секретарка на „Макам-транс“, Билјана Муратовска, претходно посочи дека модел со професионални визи веќе постои за турски возачи и дека слично решение би можело да се разгледа и за возачите од Западен Балкан.
Превозниците предупредуваат дека доколку утрешниот состанок во Брисел не донесе барем преодно решение, следниот чекор може да биде многу поширок протест.
Според претходно договорениот план на здруженијата од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, се разгледува можноста од 14 септември да почнат протести на граничните премини во секоја земја одделно. За таква акција би била потребна согласност од превозниците и одобрение од надлежните институции.
„Макам-транс“ во повикот за денешниот протест порача дека целта е до европските институции да се испрати јасна порака дека за професионалните возачи треба да се најде решение кое ќе ги земе предвид специфичностите на нивната работа и ќе овозможи непречено вршење на меѓународниот транспорт.










