
Речиси четири децении по „Days of Thunder“, Том Круз повторно ќе го игра NASCAR возачот Кол Трикл, а покрај него во продолжението ќе настапи Ен Хатавеј. Paramount Pictures ја закажа кино-премиерата за 2 јуни 2028 година, а филмот ќе биде снимен за IMAX и ќе има ексклузивна кино-дистрибуција, објавија Variety и Associated Press.
Круз и Хатавеј заедно го најавија проектот од Daytona International Speedway во Флорида, едно од најпознатите места во американскиот автомобилски спорт. На промотивните материјали двајцата се појавија покрај тркачки автомобил во препознатливите зелено-жолти бои што потсетуваат на оригиналниот филм.
За Круз ова е враќање на еден од ликовите што ја одбележаа раната фаза од неговата филмска кариера.
Во оригиналот од 1990 година тој го игра младиот и талентиран, но импулсивен NASCAR возач Кол Трикл, кој добива можност да се натпреварува на највисоко ниво во американските трки со сериски автомобили.
Ен Хатавеј нема да биде само нова партнерка на главниот лик. Според досега објавените детали, таа ќе игра сопственичка на тркачки тим и инженерка, што укажува дека нејзиниот лик ќе има централна улога во светот на NASCAR околу кој повторно ќе се гради приказната.
Тоа ќе биде и прв заеднички филм на Том Круз и Ен Хатавеј.
Режијата ќе ја преземе Џонатан Левин, познат по „50/50“, „Warm Bodies“ и „Long Shot“, додека сценариото го пишува Вил Стејплс.
Круз ќе биде и продуцент на проектот, заедно со Џери Брукхајмер и Томи Харпер. Брукхајмер беше продуцент и на оригиналниот „Days of Thunder“, а со Круз подоцна повторно постигна огромен успех со „Top Gun: Maverick“.
Деталите за приказната засега се чуваат во тајност.
Не е познато дали во продолжението ќе се појават и други актери од оригиналниот филм. Во првиот „Days of Thunder“ покрај Круз играа Никол Кидман како докторката Клер Левики, Роберт Дувал како искусниот механичар и шеф на екипата Хари Хог, Ренди Квејд, Мајкл Рукер и Џон Си Рајли.
Засега нема официјална потврда дека Никол Кидман или некој од останатите членови на оригиналната актерска екипа ќе се вратат.
Филмот со кој се запознаа Круз и Кидман
Оригиналниот „Days of Thunder“ пристигна во кината во 1990 година во режија на Тони Скот, пет години по неговата соработка со Круз на „Top Gun“.
Приказната го следеше Кол Трикл, млад возач кој влегува во светот на NASCAR и мора да научи дека брзината сама по себе не е доволна за победа. Филмот комбинираше спектакуларни трки, ривалства, несреќи и романтична приказна.
Токму на снимањето на „Days of Thunder“ се запознаа Том Круз и Никол Кидман, кои подоцна се венчаа и заедно играа и во „Far and Away“ и „Eyes Wide Shut“.
Иако критичарите во 1990 година не беа особено воодушевени, филмот со текот на времето стекна култен статус меѓу љубителите на NASCAR и филмовите за автомобили.
Според Box Office Mojo, „Days of Thunder“ заработил околу 157,9 милиони долари во светските кина, од кои 82,7 милиони на северноамериканскиот пазар. Проценетиот продукциски буџет бил околу 60 милиони долари.
По формулата на „Top Gun: Maverick“?
Одлуката Круз да се врати на филм стар речиси 40 години неизбежно потсетува на огромниот успех на „Top Gun: Maverick“.
И таму актерот повторно влезе во улога од својата младост, но наместо едноставно повторување на оригиналната приказна, филмот го постави постариот лик во нова генерација и нов контекст.
Сличен пристап сега може да се очекува и со Кол Трикл, иако Paramount засега не открива дали тој повторно ќе се натпреварува или ќе има поинаква улога во современиот NASCAR.
Круз го најави продолжението токму од Daytona International Speedway непосредно пред NASCAR трка, нагласувајќи ја врската на проектот со вистинската тркачка култура.
Филмот ќе биде сниман за големото IMAX платно, а Variety наведува дека покрај IMAX ќе биде дистрибуиран и во премиум формати како Dolby Cinema и 4DX.
До премиерата има уште речиси две години, а casting-от допрва треба да се проширува.
Она што веќе е сигурно е дека на 2 јуни 2028 година Том Круз повторно ќе го врати Кол Трикл во кината – овојпат со Ен Хатавеј покрај него и со современиот NASCAR како сцена за новото поглавје на „Days of Thunder“.

