
Денеска, 2 септември, на Лидо почнува 83. Венециски филмски фестивал, а честа да го отвори едно од најзначајните светски филмски случувања му припадна на „Ink“ на оскаровецот Дени Бојл. Филмот ќе ја има својата светска премиера во 19 часот во Sala Grande на Palazzo del Cinema и веднаш влегува во официјалната конкуренција за „Златниот лав“, соопшти La Biennale di Venezia.
„Ink“ ја враќа публиката во 1969 година и во моментот кога австралискиот медиумски магнат Руперт Мардок го презема британскиот весник „The Sun“ и му ја доверува редакцијата на Лари Ламб.
Тоа што следува е приказна за трансформација на весникот во агресивен, провокативен и масовно популарен таблоид кој ќе стане најпродаван во Велика Британија и ќе го промени не само новинарскиот пазар, туку и односот меѓу медиумите, политиката и публиката.
Гај Пирс е Руперт Мардок
Во главните улоги се Џек О’Конел, Гај Пирс и Клер Фој.
О’Конел го игра уредникот Лари Ламб, додека Гај Пирс го портретира Руперт Мардок. Клер Фој ја игра Џулс Дејвис.
Филмот трае 116 минути и е продукција на Велика Британија, Франција и САД. Сценариото е на Џејмс Греам, а музиката ја потпишува Даниел Пембертон.
Основата е истоимената театарска драма на Греам, а самиот автор го адаптирал своето дело за филмското платно.
Приказната го следи тимот од новинари и уредници кои се обидуваат да создадат поинаков тип весник – погласен, подиректен, провокативен и целосно ориентиран кон тоа „да ѝ го даде на публиката она што го сака“.
Ривалот што сакаат да го победат е „Daily Mirror“, тогаш еден од доминантните британски дневни весници.
Со сензационални наслови, поинаков јазик, агресивен маркетинг и популарна култура, „The Sun“ станува модел што подоцна ќе влијае врз голем дел од британскиот таблоиден печат.
Бојл: Тоа беше долго пред Fox News, Facebook и clickbait
Дени Бојл вели дека токму современата релевантност на приказната го привлекла кон проектот.
Режисерот посочува дека 1969 година се памети како годината кога човекот првпат стапнал на Месечината, но истата година Мардок и Ламб започнале медиумски проект чие влијание ќе се чувствува со децении.
Според Бојл, тоа се случувало многу пред Fox News, clickbait, Truth Social, Twitter, Facebook и Google, но принципите што тогаш ги развивал „The Sun“ подоцна станале дел од медиумскиот свет во кој живееме денес.
Тоа го прави „Ink“ повеќе од историска драма.
Филмот отвора и многу современо прашање: дали медиумите само ѝ даваат на публиката она што таа го сака или со изборот на темите, јазикот и начинот на претставување истовремено го обликуваат тоа што публиката ќе го сака.
Алберто Барбера: Приказна за весник што го промени светот
Уметничкиот директор на Венецискиот фестивал, Алберто Барбера, го опишува филмот како приказна за преземањето на „The Sun“ од страна на Мардок и неговата одлука весникот да му го довери на Лари Ламб.
Под нивно водство „The Sun“ го престигнува „The Mirror“ и станува најпродаваниот британски таблоид.
Барбера ги издвојува и актерските настапи на Џек О’Конел, Гај Пирс и Клер Фој, како и комбинацијата на оскаровецот Бојл со еден од најпознатите современи британски драматурзи, Џејмс Греам.
За Бојл ова ќе биде и прв филм со кој директно ќе се натпреварува во главната конкуренција на Венецискиот фестивал.
Британскиот режисер зад себе има филмови како „Trainspotting“, „28 Days Later“, „127 Hours“, „Steve Jobs“, „Yesterday“ и „28 Years Later“, а за „Slumdog Millionaire“ го освои Оскарот за најдобар режисер.
Венеција почнува и со „Златен лав“ за Џорџ Клуни
Отворањето на фестивалот ќе има уште еден голем холивудски момент.
За време на церемонијата што почнува во 19 часот, Џорџ Клуни ќе го добие „Златниот лав“ за животно дело.
Џорџ Клуни добива „Златен лав“ за животно дело, Лора Дерн ќе ја одржи пофалната беседа
Оскаровката Лора Дерн ќе ја одржи пофалната беседа во негова чест. Двајцата минатата година беа дел од „Jay Kelly“ на Ноа Баумбах, кој се натпреваруваше во Венеција.
Втор „Златен лав“ за животно дело на годинашното издание ќе добие легендарната американска актерка Елен Бурстин, позната по „The Exorcist“, „Alice Doesn’t Live Here Anymore“ и „Interstellar“.
Меги Џиленхол претседава со жирито
За победникот на 83. Венеција ќе одлучува меѓународно жири предводено од актерката, сценаристка и режисерка Меги Џиленхол.
Со неа во жирито се туниската режисерка Каутер Бен Ханија, британскиот композитор Даниел Блумберг, италијанскиот филмски теоретичар Франческо Казети, францускиот режисер Ксавие Џаноли, авганистанската режисерка Шахрбану Садат и хонгконшкиот режисер Џони То.
Тие на 12 септември ќе го доделат „Златниот лав“ за најдобар филм, како и „Сребрен лав“, награди за режија, сценарио, актер и актерка и другите главни фестивалски признанија.
Во главната конкуренција се и „NAZA“ на Јувал Абрахам и Рејчел Сзор, „Company“ на Кејси Афлек, „Kami nour (A bit of light)“ на Али Асгари, „Ritorno a Buenos Aires“ на Марко Бекис и други наслови од официјалната селекција.
„NAZA“ влезе во трката за Златен лав: Единствениот документарец меѓу 21 филм во Венеција
Од Венеција кон публиката
По светската премиера на Лидо, „Ink“ ќе продолжи кон кино-дистрибуција.
StudioCanal ќе го дистрибуира во повеќе европски и други пазари, додека во САД и Латинска Америка филмот ќе пристигне во избрани кина на 11 декември, а на Netflix на 8 јануари 2027 година.
Со приказна за медиумите, моќта и создавањето на таблоидната култура, Дени Бојл отвора фестивал кој традиционално е едно од првите големи места каде се издвојуваат филмовите што ќе ја одбележат есенската сезона и претстојната трка за големите филмски награди.
А. Ѓ.
