ВЕСТИИМПУЛССЦЕНАТРЕНД

Џорџ Клуни добива „Златен лав“ за животно дело, Лора Дерн ќе ја одржи пофалната беседа

Оскаровката Лора Дерн ќе ја одржи пофалната беседа во чест на Џорџ Клуни на свеченото доделување на „Златниот лав“ за животно дело на 83. Венециски филмски фестивал, соопшти организаторот La Biennale di Venezia. Церемонијата ќе се одржи на 2 септември во Sala Grande на Palazzo del Cinema на островот Лидо, во рамките на официјалното отворање на фестивалот, кое започнува во 19 часот.

Со едно од највисоките признанија на Венецискиот фестивал годинава ќе биде одбележана повеќедецениската кариера на Клуни како актер, режисер и продуцент.

Одлуката „Златниот лав“ за животно дело да му биде доделен на Клуни ја донел Управниот одбор на La Biennale di Venezia, по препорака на уметничкиот директор на фестивалот Алберто Барбера.

Клуни претходно изјави дека Венеција има посебно место во неговата кариера и дека фестивалот му е омилен, оценувајќи го признанието како огромна чест.

Изборот токму Лора Дерн да го претстави Клуни на церемонијата не е случаен. Двајцата неодамна работеа заедно на филмот „Jay Kelly“ на режисерот Ноа Баумбах, кој беше прикажан во конкуренцијата на 82. Венециски филмски фестивал во 2025 година. Во филмот Клуни ја играше главната улога, а Дерн беше дел од актерската екипа.

Лора Дерн и самата има долга историја со фестивалот во Венеција. Таа досега таму ги претставувала филмовите „Haunted Summer“ во 1988 година, „October Sky“ во 1998, „Dr. T & the Women“ во 2000 и „Inland Empire“ во 2006 година.

Во Венеција беше и со „Marriage Story“ на Ноа Баумбах, улога за која подоцна го освои Оскарот за најдобра споредна женска улога, како и со „The Son“ на Флоријан Зелер во 2022 година.

Од „ER“ до две награди Оскар

Џорџ Клуни стана глобално препознатлив во 1990-тите со улогата на доктор Даг Рос во телевизиската серија „ER“, по што изгради една од најуспешните холивудски кариери во последните три децении.

Како актер настапуваше во филмови како „Ocean’s Eleven“, „O Brother, Where Art Thou?“, „Syriana“, „Michael Clayton“, „Up in the Air“, „The Descendants“ и „Gravity“, а паралелно развиваше кариера и зад камерата.

Како режисер ги потпишува „Confessions of a Dangerous Mind“, „Good Night, and Good Luck“, „The Ides of March“, „Suburbicon“, „The Midnight Sky“ и „The Boys in the Boat“. Фестивалот го опишува Клуни како автор кој успешно ги комбинира актерството, режијата и продукцијата, но и како јавна личност со долгогодишен ангажман во хуманитарни иницијативи.

Во кариерата има освоено два Оскара, четири „Златни глобуси“, БАФТА и повеќе други големи филмски признанија. Еден од Оскарите го доби за споредната улога во „Syriana“, додека вториот е како продуцент на „Argo“.

Алберто Барбера при објавувањето на наградата го опиша Клуни како комплетен и харизматичен уметник кој успеал да се движи низ различни жанрови и истовремено да изгради препознатлива режисерска кариера.

Клуни ќе одржи и мастер-клас

По свеченото отворање, Клуни ќе биде дел и од програмата на фестивалот. На 3 септември во 16 часот е закажан негов мастер-клас во Match Point Arena на Лидо, кој ќе го води филмската критичарка Џулија Д’Ањоло Валан и ќе може да се следи и преку интернет-пренос.

Покрај Клуни, „Златен лав“ за животно дело годинава добива и легендарната американска актерка Елен Бурстин.

83.Венециски филмски фестивал ќе се одржува од 2 до 12 септември на Лидо. Фестивалот е еден од најстарите и највлијателните филмски настани во светот и традиционално го означува почетокот на есенската фестивалска сезона и трката за најголемите филмски награди.

А. Ѓ.

Back to top button