
Долгометражниот игран филм „17“ во режија на Косара Митиќ и продукција на Томи Салковски е годинешниот македонски кандидат за престижната награда Оскар во категоријата „Најдобар меѓународен филм“, се наведува во соопштението испратено до медиумите.
Одлуката ја донесе Комисијата за избор на македонски кандидат при Друштвото на филмските работници на Македонија, чиј состав е прифатен и одобрен од Американската Академија за филмски уметности и науки. Оваа номинација доаѓа по веќе успешен меѓународен фестивалски пат и, според соопштението, ја потврдува синергијата на сите филмски елементи, визуелниот идентитет и универзалноста на раскажаната приказна.
Режисерката Косара Митиќ истакна дека ова е нејзин прв долгометражен филм и проект во кој вложила многу лична енергија и верба. „Сметам дека успеав да раскажам приказна за она што често останува премолчено – за агонијата на тишината, но и за силата на солидарноста“, изјави Митиќ, додавајќи дека изборот за македонски кандидат е потврда оти филмот успева да допре до публиката.
Според продуцентот Томи Салковски, изборот е големо признание, но и сериозна обврска. Тој потенцираше дека во претстојниот период е неопходна институционална поддршка, како и поддршка од филмската заедница, медиумите и публиката за да се обезбеди поголема меѓународна видливост и филмот да стигне до номинацијата за Оскар.
Светската премиера на „17“ се одржа на 76. Берлински филмски фестивал, каде наиде на одличен прием, а досега има освоено 11 меѓународни и регионални награди. Наскоро се очекува и неговата македонска премиера.
Филмот е македонско-српско-словенечка копродукција, по сценарио на Митиќ и познатиот хрватски автор Огњен Свиличиќ. Проектот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Филмскиот центар на Србија, Словенечкиот филмски центар и СЕЕ Синема Нетворк. Продуцент е „Црна Мачка Продукција“ во копродукција со „Арт&Попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија, додека меѓународната продажба ја води францускиот „Tотем Филмс“.
