Владата на денешната седница донесе одлука за намалување на данокот на додадена вредност (ДДВ) за горивата од 18 на 10 проценти. Оваа мерка, како што соопштија од Илинденска, има за цел директно да го ублажи ценовниот удар врз граѓаните и стопанството во услови на кризна состојба и можни нарушувања во снабдувањето со нафта и нафтени деривати. Повластената даночна стапка ќе се применува привремено, почнувајќи од 15 септември на полноќ, заклучно со 28 септември 2026 година.
Согласно владините пресметки, со оваа одлука значително ќе се ублажи очекуваното зголемување на цените. Кај дизелот, наместо редовното очекувано поскапување од околу 5 денари, се предвидува намалување од околу 2 денари (вкупно ублажување од 7 денари), со што цената би изнесувала околу 99 денари за литар. Од друга страна, кај бензините се очекува зголемување од околу 3,5 денари, со што ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе се продава за околу 100,5 денари, а ЕУРОСУПЕР БС-98 за 102,5 денари за литар.
На владината одлука реагираше опозициската СДСМ, оценувајќи ја мерката како „доцна шминка“ која доаѓа откако цените веќе го достигнале максимумот. Од опозициската партија обвинија дека власта свесно чекала и ги оставила цените да растат, препуштајќи го пазарот на берзите и оставајќи ги граѓаните да точат гориво на рати. Тие потсетија дека уште на почетокот на кризата барале ДДВ-то за горивата да се намали на 5 отсто, а акцизата целосно да се укине, порачувајќи дека горивото не е луксуз, туку основна потреба која го диктира поскапувањето на сите останати производи.
