
Европската Унија ѝ понуди на Канада досега непостоечки статус на прва „асоцијативна членка“ на Унијата и значително пошироко партнерство што би ги опфатило одбраната, технологијата, енергетиката, Арктикот, критичните минерали и економската безбедност. Понудата ја објави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во годишното обраќање за состојбата на Унијата во Стразбур што е значајна промена во пристапот на ЕУ кон партнерствата со држави што не се членки.
Фон дер Лајен најави дека Брисел сака од сегашната трговска рамка ЦЕТА да премине кон „Алијанса за иднината“, со цел создавање заеднички простор на просперитет и економска безбедност меѓу ЕУ и Канада.
Планот, според Европската комисија, треба да опфати соработка во напредното производство, создавање технолошки сојуз, поврзување на европската и канадската одбранбена индустрија и претворање на Арктикот во еден од клучните заеднички проекти. Предвидена е и подлабока соработка во енергетиката, критичните минерали и батериите, вештачката интелигенција, квантните технологии, кибербезбедноста и пошироката економска безбедност.
Отава оди и чекор понатаму во описот на идното партнерство. По средбата на канадскиот премиер Марк Карни со Фон дер Лајен, канадската влада соопшти дека разговорите ги опфаќаат и високоперформансните компјутерски капацитети, вселенските технологии, финансиските услуги и платните системи, како и движење кон непречена дигитална трговија со неаграрни производи и широк спектар услуги.
Двете страни разговараат и за посилни врски меѓу граѓаните, односно повеќе можности за патување, студирање, работа и деловна активност од двете страни на Атлантикот.
Од трговија кон безбедносен и индустриски сојуз
Новата понуда не доаѓа од нула. ЦЕТА привремено се применува од 2017 година, а според Европската комисија, трговијата со стоки и услуги меѓу ЕУ и Канада во 2025 година достигнала 130 милијарди евра, што е раст од околу 80 проценти во споредба со 2016 година. ЕУ е вториот најголем трговски партнер на Канада, веднаш зад САД.
Во март годинава Брисел и Отава почнаа и преговори за посебен Договор за дигитална трговија, кој треба дополнително да ги олесни прекуграничните дигитални услуги и електронското работење.
Особено брзо напредува соработката во одбраната. Канада во јуни стана првата неевропска држава со формализирано учество во програмата SAFE, инструментот на ЕУ за заеднички набавки и забрзување на производството на оружје и воена опрема. Договорот им овозможува на канадските компании и производи да учествуваат во набавките што се финансираат преку SAFE.
Нов момент во европското безбедносно приближување на Канада дојде и од Велика Британија. На 16 септември премиерот Марк Карни објави дека Отава формално поднела барање за членство во Joint Expeditionary Force (JEF), британски предводена воена групација за брза реакција во која членуваат десет северноевропски држави. Канада паралелно ја продлабочува и одбранбено-индустриската соработка со Велика Британија преку Global Combat Air Programme (GCAP), во кој од јули учествува како набљудувач. Канадската влада овие чекори ги става во пошироката стратегија за поголема стратешка автономија, отпорност и суверенитет преку посилни врски со доверливи европски партнери.
Тоа се надоврзува на Партнерството за безбедност и одбрана потпишано во 2025 година, преку кое ЕУ и Канада веќе соработуваат во одбранбената индустрија, кибербезбедноста, спротивставувањето на хибридните закани, Арктикот и поддршката за Украина.
Но што всушност значи „асоцијативна членка“?
Тука засега има повеќе политичка амбиција отколку правно дефинирана конструкција. Таков статус не постои во договорите на ЕУ. „Ројтерс“ наведува дека земјите членки ќе мора да одлучат дали и како идејата би можела да се реализира, а не се дефинирани ниту можните права на Канада во институциите, ниту евентуалниот пристап до единствениот европски пазар.
Доколку Отава сака значително подлабок пристап до единствениот пазар, би се отворило и прашањето за усогласување на канадските прописи со европското право. Засега нема индикации дека Канада би добила право на глас слично на земјите членки.
„Фајненшл тајмс“ денеска пишува дека дел од европските престолнини се резервирани кон создавањето сосема нов статус и повеќе би сакале да се искористат и продлабочат постојните договори. Весникот нагласува дека идејата нема јасен правен преседан и допрва треба да добие поддршка од земјите членки.
Следниот клучен момент ќе биде самитот ЕУ-Канада на 29 и 30 октомври во Монтреал, кога се очекува сегашната политичка понуда да почне да добива поконкретна форма.
Трамп го смета овој сојуз за „непријателски чин“
Во меѓувреме, новото приближување доби и поширока трансатлантска димензија. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека евентуалниот статус на Канада како асоцијативна членка би можел да го смета за „непријателски чин“ и предупреди на можни дополнителни царини кон Европа. Брисел, пак, нагласува дека предложеното партнерство со Канада не е насочено против трета земја.
Засега, најконкретниот дел од европската понуда не е самиот назив „асоцијативна членка“, туку обидот Канада постепено да се вклучи многу подлабоко во европскиот економски, технолошки и одбранбен простор, без да стане полноправна членка на Унијата.
Ј. Ѓ.










