ВЕСТИХРОНИКА

Патрола: Драма во скопско казино, тешко повредена шведска туристка и трагичен пожар во Берово

Хаос во казино во скопска Кисела Вода каде гости и вработени завршиле во болница поради активирани противпожарни апарати, тешко повредена швеѓанка при лет со параглајдер во Струга и трагична смрт на старец во Берово, се клучните настани кои го одбележаа полицискиот билтен во изминатото деноноќие.

Вистинска драма се одвивала во објект на казино во Кисела Вода откако две лица почнале да ги вознемируваат присутните. Според пријавеното во МВР, еден од насилниците фрлил мобилен телефон кон жена, по што почнале да кршат дел од инвентарот. Ситуацијата ескалирала кога тие ги активирале противпожарните апарати во објектот. Поради проблеми со дишењето од густиот прав, повеќе гости и вработени итно биле пренесени во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ за укажување лекарска помош, а истражните органи преземаат мерки за расчистување на случајот.

Во меѓувреме, струшката полиција поднесе кривична пријава против 43-годишен параглајдинг инструктор од Прилеп. Тој се товари за нанесување тешка телесна повреда, откако за време на тандем лет, без да ѝ даде соодветни инструкции на 37-годишна туристка од Шведска, придонел таа тешко да ја повреди ногата при приземјувањето. Повредената веднаш била пренесена во охридската болница „Св. Еразмо“.

Црната хроника бележи и трагичен настан во Берово, каде 83-годишен маж го загуби животот во пожар што избувнал во неговата куќа. Иако локалните пожарникари интервенирале и го изгаснале огнот, старецот починал од труење со чад, што било констатирано од екипа на итната помош.

Полицијата имала полни раце работа и со агресивни поединци. Во Прилеп е приведен 57-годишен маж кој со нож им се заканувал и им пружал отпор на полициските службеници. Деноноќието го одбележаа и низа физички пресметки ширум државата, меѓу кои се издвојуваат тепачката меѓу двајца браќа и нивната мајка во Шуто Оризари, како и инцидент во Чаир каде 34-годишна жена упаднала во домот на нејзиниот поранешен партнер, физички го нападнала и му искршила дел од покуќнината.

Back to top button