АРТВЕСТИ

Филмот „Скејтбордингот не е за девојчиња“, прогласен за најдобар филм на фестивалот „Џифони Македонија“

Играниот филм на режисерката Дина Дума, „Скејтбордингот не е за девојчиња“, е прогласен за најдобар филм според жирито на сениорите и кадетите на 14. Младински филмски фестивал „Џифони Македонија“, кој свечено беше затворен. Вториот долгометражен филм на Дума успеа да ги освои срцата на средношколците кои оваа година беа дел од стручното жири.

Во категоријата на јуниорите, односно учесниците од шесто до деветто одделение кои ја следеа програмата во Кинотеката, за најдобар игран филм беше избран „Шефот и слаткото девојче“ во режија на Андреа Порпорати.

Фестивалот додели награди и во категориите за кратки и анимирани филмови. За јуниорите најдобар краток филм е „Мило“ на Даниеле Фабиети, додека сениорите го наградија „The Mole“ на Марко Санторо. Наградата за најдобар анимиран краток филм замина на Кипар за остварувањето „Cinema Rialto“ во режија на Антони Петроу.

Во конкуренцијата за ученички филмови, најдобар краток филм за основци е „1863: Американска крв“ на Лео Кан. Кај средношколците, наградата ја поделија два филма – „Не биди тивок – пријави малтретирање“ на Фросина Захда и „Reaching Seventeen“ на Марија Ковалева од Ерменија.

За најактивни „џифонци“ оваа година беа прогласени Леко Бардароски, Сара Драгниќ и Калина Ивановска. Како награда за својот ангажман, тие ќе имаат можност да участвуваат на матичниот фестивал „Џифони експериенс“ во Италија следната година.

Свеченото затворање се одржа во киното „Фросина“, каде младите креативци ги презентираа делата сработени во изминатите пет фестивалски дена, вклучувајќи кратки играни и документарни филмови, сегменти од мјузикл и цртежи.

Годинашното издание на „Џифони Македонија“ беше реализирано со поддршка од Агенцијата за филм, Министерството за култура на Италија, Италијанската амбасада, Италијанскиот културен институт, „Џифони Експириенс“, Град Скопје, како и општините Карпош, Центар и Кисела Вода.

Back to top button