ВЕСТИЕКОНОМИЈАИТ

Светски експерти од Амазон, Тесла и Гугл на Деветтата регионална конференција за е-трговија во Скопје

Влијанието на вештачката интелигенција врз онлајн купувањето, растот на продажбата преку Amazon на европските пазари и градењето системи отпорни на продажни пикови како „Black Friday“ се клучните теми на Деветтата регионална конференција за е-трговија, која ќе се одржи на 3 ноември во Националната опера и балет. Годинашното издание под мотото „From Wait to Go: E-commerce at AI Speed!“ ќе собере повеќе од 1.000 учесници од над 12 земји и повеќе од 30 домашни и меѓународни говорници кои ќе дебатираат на две паралелни сцени, информираат организаторите на настанот.

На конференцијата ќе гостуваат истакнати меѓународни имиња, меѓу кои Аусрине Колбуте, сениор стратешки консултант во Amazon, која ќе зборува за растот преку оваа платформа и однесувањето на европските потрошувачи, како и Ник Хогенбум, коосновач и извршен директор на Minimal AI, кој ќе се осврне на улогата на AI агентите во корисничката поддршка. Меѓу најавените говорници се и претприемачот Гејб Зикерман, Николаи Зеневиќ од Iute, како и сениор инженерот во Google DeepMind, Јован Андонов. Програмата ќе биде збогатена и со излагањата на Амрита Лал од LinkedIn и Андре Лопез од Tesla, кој ќе презентира како се градат е-трговски системи за издржување на најголемите оптоварувања при онлајн продажбите.

Регионалните и домашните искуства од дигиталните бизниси ќе ги пренесат извршниот директор на Gjirafa Inc., Мергим Цахани, извршниот директор на Ananas Ecommerce, Марко Царевиќ, и оперативната директорка на FitKit, Катерина Минговска. На конференциската сцена ќе настапат и претставници од компаниите Wolt, Decathlon и Akcija24, додека за иднината на маркетингот и откривањето производи преку пребарувачи и платформи како YouTube ќе говорат специјалистите Мирослав Варга, Дарко Дујиќ и Александар Ашковиќ.

Настанот се реализира со поддршка на Visa како платинум партнер, КаСис како стратешки партнер, Iute Македонија како финтек партнер, А1 Македонија како дигитален партнер, како и голем број златни, сребрени и бронзени поддржувачи. Пријавувањето за конференцијата веќе се одвива преку официјалната веб-страница на настанот, каде наскоро ќе биде објавена и целосната агенда.

Back to top button