ВЕСТИМАКЕДОНИЈАПОЛИТИКА

Сиљановска-Давкова со честитка за 11 Октомври: Нашиот испит пред историјата е да градиме правна и европска држава

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка до граѓаните по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, порачувајќи дека денешниот генерациски испит пред историјата не е да се повторуваат битките на претходниците, туку да се гради демократска, правна и просперитетна европска држава.

Во својата порака, таа потсети дека на 11 октомври 1941 година македонскиот народ не останал тивок набљудувач на злото, туку им се придружил на антифашистичките сили, продолжувајќи го патот на илинденците. Претседателката нагласи дека востанието прераснало во народноослободителна борба преку која, со крв и саможртва, се трасирал патот кон АСНОМ и кон конечната цел – слободна македонска држава.

Сиљановска-Давкова истакна дека современиот сложен историски миг бара сплотеност, мудрост и зрелост. Таа упати повик државата да се гради како заеднички дом во кој различностите нема да бидат повод за делби, туку причина за меѓусебно разбирање и градење свест за општото добро. Според неа, херојскиот подвиг на востаниците нè задолжува да создадеме општество во кое законите ќе важат за сите еднакво, а знаењето, правото и единството ќе доминираат наспроти незнаењето, самоволието и партиските привилегии.

Back to top button