ВЕСТИПОЛИТИКА

СДСМ: Пратениците од власта го одбија предлог-законот за финансиска поддршка на земјоделците

Пратениците од владејачкото мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН денеска во Собранието го одбија предлог-законот за финансиска поддршка на земјоделците, потег преку кој власта покажува дека застанува против производителите во услови кога секторот е доведен до колапс, соопштија од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ).

​Предложеното законско решение предвидуваше дополнителна финансиска помош за повеќе земјоделски гранки. Според СДСМ, власта одбила поддршка од осум денари за килограм продадено грозје од сортите „вранец“ и „кратошија“, како и 300.000 денари по хектар за нереализиран откуп. Отфрлени се и предлозите за субвенционирање на производителите на индустриска пиперка со 10 денари по килограм и дополнителни 200.000 денари по хектар, како и мерките за поддршка од пет денари по килограм пченица, 8.000 денари по грло говедо и 10 денари за килограм оризова арпа.

​Пратеникот од редовите на СДСМ, Миле Талески, истакна дека македонското земјоделство се наоѓа во исклучително тешка состојба за која директна одговорност носи премиерот Христијан Мицкоски. Тој обвини дека ветувањата за земјоделска преродба, повисоки субвенции и сигурен пласман не се остварени, додавајќи дека земјоделците масовно ги напуштаат своите ниви. Од опозициската партија порачуваат дека власта покажува негрижа за егзистенцијалната криза на производителите, насочувајќи ги средствата кон партиски тендери, и најавија дека ќе продолжат да се залагаат за соодветно вреднување на земјоделскиот труд.

Back to top button