
Советниците на СДСМ од источниот регион се спротивставија на новиот Нацрт-план за просторно планирање на Владата, барајќи веднаш да се повлечат плановите за изградба на нови рудници кои, според нив, претставуваат директна закана за здравјето на граѓаните, земјоделството и животната средина.
Координаторката на советничката група на СДСМ во Општина Пробиштип, Весна Ристовска, на прес-конференција посочи дека планираниот рудник во пределот Кадиица се наоѓа во заштитеното подрачје на Малешевијата, додека отворањето рудник за метали на Плавица со капацитет од 90 милиони тони руда носи ризик од долгорочна еколошка катастрофа. Таа праша како е можно да се планира нова рударска експанзија во заштитениот предел на Осоговските Планини кога сè уште не е санирана штетата од постојното јаловиште на рудникот „Злетово“.
Ристовска укажа и на податоците од самиот просторен план, според кои се предвидува дека Општина Пробиштип до 2040 година ќе изгуби 29,4 проценти од населението, прашувајќи за кого би се отворал нов површински коп во услови на масовно иселување. Како посебно загрижувачки податок од документот таа го издвои проектираното петкратно зголемување на вкупната површина под експлоатација на критични минерали во државата до 2040 година, од два на 10 квадратни километри.
Според СДСМ, со овој план се нанесува сериозен удар и врз земјоделството во Кочанскиот регион, каде што е проектирано намалување на површините под ориз за 31 процент. Од партијата порачаа дека природните богатства, водата и земјиштето не смеат да бидат жртвувани за бизнис-интереси и побараа итно повлекување на планот за рударска експанзија.









