ВЕСТИМАКЕДОНИЈАХРОНИКА

Кривична пријава против директорот на УХМР и осум вработени: Сомнежи за спорни набавки од над 488.000 евра

МВР поднесе кривична пријава против девет физички и едно правно лице поради сомнежи за злоупотреба на службената положба и овластување и фалсификување исправа при набавки во Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Според полицијата, на две фирми од Скопје и Битола им била овозможена противправна имотна корист од вкупно 30 милиони денари.

Единицата за финансиски криминал при Министерството за внатрешни работи на 15 октомври поднела кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против осум вработени во УХМР, управител на фирма од Битола и едно правно лице од Скопје.

Меѓу пријавените е и И.Т. (53), вршител на должноста директор на УХМР, за кого МВР наведува дека донел две одлуки за набавки поврзани со ист настан, иако, според пријавата, знаел дека постапките се правно нецелосни и процедурално неисправни.

Според наводите на полицијата, со договорот склучен со фирма од Скопје ѝ била овозможена противправна имотна корист од 29.244.786 денари, односно околу 475.000 евра. Во вториот случај, договорот со фирма од Битола за печатење промотивен и работен материјал и набавка на ситен инвентар, според МВР, овозможил корист од 782.050 денари, односно околу 12.715 евра.

Вкупниот износ на наводната противправна имотна корист е 30.026.836 денари, или приближно 487.700 евра.

Понуди што не ги исполнувале условите

Кривичната пријава ги опфаќа и Р.Б. (61), претседател на комисијата за спроведување на набавката, како и Н.А. (63) и Ј.М. (58), членови на комисијата.

Според МВР, тие предложиле избор на понуди и покрај тоа што понудата на фирмата од Скопје била задоцнета и не ги исполнувала условите, а понудата на фирмата од Битола била технички неисправна.

Полицијата наведува дека постапките биле спроведени без соодветно изготвени и потпишани записници за отворање на понудите и извештаи за спроведените набавки. Исто така, според пријавата, при изборот бил применет критериумот „најниска цена“, иако за сите ставки од техничката спецификација немало понудени цени.

Во пријавата се опфатени и А.С. (43), која ја изготвила одлуката за набавка, како и С.А.М. (64) и С.С. (61), кои ја одобриле. Според МВР, тие знаеле за недостатоците во документацијата, но сепак ја потпишале и одобриле постапката.

Дополнително, полицијата наведува дека биле одобрени и пуштени во реализација фактури без соодветни придружни докази, со невистинити коефициенти и финансиски податоци. На тој начин, според пријавата, била овозможена неоснована исплата.

Кривично е пријавена и Л.К. (64), контролор во Секторот за финансии на УХМР, за која МВР наведува дека одобрила фактура без потребни докази и без соодветна претходна финансиска контрола.

Кривична и за управител на фирма од Битола

Кривичната пријава го опфаќа и В.Х. (48), управител на правно лице од Битола. Според МВР, тој доставил понуда што не ги исполнувала формалните и техничките услови утврдени во документацијата за набавката.

Во случајот со фирмата од Скопје, полицијата наведува дека тогашниот управител и одговорно лице, С.С., кој е починат, доставувал фактури со невистинита содржина, кои не одговарале на понудените цени и на обемот на извршените услуги.

МВР ги сомничи пријавените за злоупотреба на службената положба и овластување, соизвршителство и фалсификување исправа, зависно од нивната улога во случајот. Кривичната пријава е доставена до Основното јавно обвинителство Скопје за понатамошно постапување.

Според наводите во кривичната пријава, дел од спорните постапки биле спроведени во текот на 2023 година, додека набавките за ист настан биле предмет на две одделни одлуки донесени во различни периоди

Back to top button