
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и претседателот на Собранието Африм Гаши упатија честитки до граѓаните по повод државниот празник 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, повикувајќи на одговорност, меѓусебно почитување и посветеност во градењето на просперитетно општество.
Во својата порака, Сиљановска-Давкова истакна дека основањето на Македонската револуционерна организација во 1893 година претставува преточување на вековната жед за слобода во организирано дело, потсетувајќи дека историското завештание е морална обврска да се унапредува државата.
„Ако револуционерниот порив некогаш се потврдувал со себежртвување за високи национални цели, денес се докажува со одлучно и чесно работење, интелектуална смелост и решителност за нужни реформи“, нагласи претседателката, додавајќи дека пиететот кон предците има смисла само кога нивните идеали се преточуваат во праведност, солидарност и посветеност на општото добро.
Собранискиот спикер Африм Гаши посочи дека борбата на претходните генерации за слобода и достоинство е историската основа врз која денес се гради заедничката иднина. Тој апелираше дека празнувањето е можност за потврда на одговорноста кон создавање стабилно општество засновано на европски вредности.
„Само обединети околу заедничките интереси и со почит кон различностите можеме да создадеме држава во која секој граѓанин ќе се чувствува еднакво, сигурно и почитувано“, порача Гаши во својата честитка.
