
Сите експозитури на Алта Банка АД Битола од денеска се затворени за работа со клиенти до понатамошно известување. Граѓаните од утрово затекнуваат заклучени врати во Битола, Охрид и другите градови, додека пред банкоматите се формираат редици, а како што известуваат револтирани граѓани, банкоматите најчесто немаат пари.
Ова е само еден ден откако Народната банка на Република Северна Македонија (НБРМ) воведе привремена администрација врз банката.
На вонредна прес-конференција вчера, гувернерот Трајко Славески соопшти дека Извршниот одбор на НБРМ на седницата одржана на 1 ноември донел Решение со кое Алта банка Битола е ставена под привремена администрација на Народната банка. Управувањето со имотот е предадено на три лица именувани од централната банка.
„Оваа мерка е од времен карактер и се воведува исклучиво заради случувањата со акционерот со квалификувано учество – Алта Банка АД Белград. Воведувањето привремена администрација не значи затворање на банката, ниту активирање на механизмот за исплата на депозитите преку Фондот за осигурување депозити. Банката продолжува да работи, не е во стечај и не ѝ е одземена дозволата“, нагласи Славески.
Причината за итната реакција, според гувернерот, е паниката меѓу штедачите. Само до крајот на вчерашниот ден, од банката биле повлечени околу два милиони евра во готовина и преку трансфери.
За да се запре одливот, НБРМ воведе лимити, така што физички лица можат да подигнат максимум 10.000 денари неделно преку платежни картички, а за правни лица се воведе привремена забрана за трансфер на средства надвор од банката.
Од Алта Банка АД Битола уверуваат дека банката е ликвидна. „Банката е самостојно правно лице, регистрирано во Република Македонија, кое работи согласно домашната законска регулатива и е под непосредна супервизија на Народната банка“, соопштија вчера.
Сепак, загриженоста не стивнува. Во саботата вечерта, на преминот меѓу 1 и 2 ноември, биле забележани гужви и пред полноќ пред експозитурата во Битола, а утрово и во Охрид граѓаните го користат само банкоматот пред затворената филијала.
Мерките во Скопје се директна последица од драмата во Белград. На 31 октомври, Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа на матичната Алта Банка АД Белград и отвори стечајна постапка поради, како што соопштија, значително влошување на финансиската состојба.
Народна банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа на „Алта банка“
Ноќеска, според српските медиуми, е уапсен сопственикот Давор Мацура (43), бизнисмен близок на Српската напредна странка на Александар Вучиќ и еден од најбогатите луѓе во Србија. Апсењето следувало по повеќе од 30-часовен полициски претрес во седиштето на банката во Нов Белград. НБС поднела кривична пријава до Јавното обвинителство за организиран криминал.
Гувернерот Славески потврди дека веќе има заинтересирани купувачи за акциите на Алта Банка Битола, како од земјава така и од странство, и дека привремената управа ќе трае до разрешување на сопственичките прашања.
Ј. Ѓ.










