АРТВЕСТИИМПУЛССЦЕНА
Во тренд

Филмот на Милчо Манчевски „Сестра, брат и шахта“ победи на фестивалот во Токио

Ова е прва македонска победа на фестивал од А-категорија по „Пред дождот“ во 1994 година. Жирито го награди филмот за беспрекорниот спој на хуморот, трагедијата и драмата во една универзална приказна.

Најновиот филмски остварување на режисерот Милчо Манчевски, „Сестра, брат и шахта“, ја освои главната награда „Токио Гран при“ (Tokyo Grand Prix) на 39. Меѓународен филмски фестивал во Токио, кој претставува еден од најпрестижните светски фестивали од А-категорија.

Овој успех претставува историски момент за македонската кинематографија, бидејќи, како што се посочува во официјалното соопштение од продукцијата, ова е првпат македонски филм да победи на фестивал од А-категорија по легендарниот триумф на „Пред дождот“ на истиот режисер во Венеција во 1994 година.

Во силна конкуренција од пријавени 1.892 филмови од 112 земји, македонската чудна комедија успеа да влезе во тесната селекција од 15 филмови и на крајот да ја освои највисоката чест.

Образложението за наградата на свечената церемонија го прочита претседателот на жирито, познатиот австралиски режисер Ролф де Хер.

Тој истакна дека Гран при наградата на гувернерот на Токио се доделува „за беспрекорното спојување на хуморот, трагедијата и драмата, за човечноста и сочувството што ги покажува кон своите ликови, како и за сложениот, но кохерентен филм, кој истовремено успева да биде трогателен и разигран“.

Деветтиот игран филм на Манчевски е опишан како лута сатира и поема за антихерои кои живеат на маргините на општеството, прикажувајќи универзално размислување за тоа како луѓето живеат и се поврзуваат во современиот свет преку неповторливиот режисерски стил.

Режисерот Манчевски, споделувајќи ја радоста, испрати порака на благодарност до сите кои верувале во овој, како што го нарече, „чуден филм“.

„Многу ми е мило што светот ја сака нашата шахта. Благодарност до феноменалната екипа, глумците, финансиерите, спонзорите. Ете пример дека истрајноста и правдата победуваат. Напред, шахта!“, изјави Манчевски.

На свеченото затворање, наградата ја подигнаа главните актери Сара Климоска и Филип Трајковиќ, заедно со продуцентот Јане Ќортошев. Во своето обраќање, Ќортошев низ хумор порача дека екипата направила „добра зделка“, заминувајќи во Токио со шахта, а враќајќи се со прекрасна награда, потсетувајќи на долгиот пат и неизвесноста низ кои поминал проектот од снимањето до овој светски триумф.

Back to top button