
Kомисијата за култура на СДСМ реагира на обидот на Министерството за култура да го оправда непочитувањето на Колективниот договор со образложение дека за истиот се води постапка пред Уставниот суд.
Од партијата потенцираат дека самото поведување постапка пред Уставниот суд не значи укинување на Колективниот договор, ниту пак автоматски престанок на неговото важење. Според СДСМ, Владата и Министерството немаат право самостојно да одлучуваат кои работнички права ќе важат, а кои не.
Колективниот договор не е добра волја на министерот или привилегија што власта може да ја одзема, туку обврска и механизам за заштита, се наведува во соопштението. Опозициската партија обвинува дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, наместо да го подобрува статусот на културните работници, нуди правни изговори и ги доведува во неизвесност нивните плати, придонеси и стекнати права.
На крајот, од СДСМ бараат Министерството веднаш да ја почитува важечката правна рамка и обврските од Колективниот договор, како и јавно да објасни врз основа на која конкретна правна одредба смета дека е ослободено од тие обврски.










