ССМ го промовираше документарецот „До први“: Зајкова живееше со минималец, пратениците не дојдоа на премиерата (ВИДЕО)
Олоф Палме и Види вака го промовираа филмот „До први“ во кој пратеничката Моника Зајкова живее со минимална плата. Пратениците не дојдоа на премиерата.

Како изгледа животот кога од една минимална плата треба да се платат сметките, да се купи храна, да се обезбеди превоз и да се покријат основните потреби? Ова е темата на документарниот филм „До први“, чија премиера се одржа вчера во организација на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), во соработка со Меѓународниот центар „Олоф Палме“ и медиумот „Види вака“.
Во главната улога на документарецот е пратеничката Моника Зајкова, која го прифатила предизвикот една недела да се обиде да живее со неделниот дел од минималните примања. Филмот ја прикажува реалноста на илјадници работници во државата во која секој денар се брои, а секој трошок значи ново одрекување и неизвесност дали ќе се стигне до следниот први во месецот.
Од ССМ информираат дека покани за проекцијата биле упатени и до пратениците во Собранието, со цел оние што одлучуваат за законите и животниот стандард директно да видат како изгледа животот со минимална плата. Сепак, Синдикатот изрази разочарување од нивното отсуство, оценувајќи дека тоа зборува само за себе.
На прес-конференцијата одржана во рамки на настанот, уште еднаш беше посочено дека работничката сиромаштија не може да се решава со празни ветувања и префрлање на одговорноста, туку исклучиво со конкретни мерки. Од ССМ повторија дека растот на трошоците за живот ги јаде примањата и дека е неопходно зголемување на минималната плата на 600 евра, како и раст на сите останати плати.
„Работниците не бараат луксуз, ниту привилегии. Бараат плата од која ќе можат да живеат достоинствено. Платата не треба да биде доволна само до први, туку за достоинствен живот во текот на целиот месец“, порачаа од Сојузот на синдикатите.




