ЛДП и Зајкова алармираат: Власта спроведува „правно дивјаштво“ за да ги заштити функционерите и тендерот за „Маркет Висион“
Либерално-демократската партија обвинува дека преку брзи измени на Кривичниот законик се озаконува високата корупција и се перат пари преку партиски агенции. Претседателката Моника Зајкова бара итно запирање на законскиот хаос кој наидува на остри критики и од Европската комисија.

Либерално-демократската партија (ЛДП) ја обвини власта за класичен аматеризам и скандалозно прекројување на законите со цел да се обезбеди неказнивост за високата корупција. Од партијата посочуваат дека набрзина и по скратена постапка, под лажен изговор за усогласување со ЕУ, парцијално се менуваат Кривичниот законик и Законот за јавни набавки. Според ЛДП, свесно се оставаат правни дупки и се укинува одговорноста за тешки професионални пропусти за да не одговараат партиските функционери.
Како вистинска потврда за ваквите законски амнестии, ЛДП го посочува новиот луксузен договор од 371.674 евра за истражување на јавното мислење, доделен на маркетинг агенцијата „Маркет Висион“. Од партијата потсетуваат дека истата агенција во периодот од 2008 до 2015 година испумпала над 3 милиони евра државни пари само од тогашниот Генерален секретаријат на Владата, градејќи автократски рејтинг на режимот. „Ова е директен доказ дека целата правна гимнастика и прекројување на законите ‘по скратена постапка’ служи исклучиво за да се подмачкаат криминалните тендерски шеми, да се перат пари преку партиски агенции и да се плати пропагандата што треба да го замолчи револтот на народот“, стои во реакцијата на ЛДП.
Партијата предупредува и на невидениот хаос во Собранието, нарекувајќи го испад на „пиши-бриши“, откако парламентарното мнозинство „случајно“ избришало клучни ставови во законите, па сега по итна постапка мора да ги враќа. Ваквото однесување, предупредуваат од ЛДП, добива јасни шлаканици и од Европската комисија, чиј последен извештај потврдува дека високата корупција е широко распространета, а честите законски измени ја засилуваат перцепцијата за неказнивост.
Претседателката на ЛДП и пратеничка, Моника Зајкова, упати жестока критика кон владејачкото мнозинство, барајќи крај на погребувањето на правната држава.
„Ова е врв на неспособноста и ќе речам ‘правно дивјаштво’ кое мора да престане веднаш! Прво си изгласаа амнестија за функционерите за да ја заштитат високата корупција, а сега со секојдневните измени во Кривичниот законик по скратена постапка прават хаос, додека за обичниот граѓанин воведуваат ригорозни казни. Добиваме јасни шлаканици од Европската унија бидејќи оваа власт ја претвори државата во приватна зона за тендери и партиски манипулации. Ваквото скандалозно однесување мора да заврши – доста е од погребување на правната држава!“, порача Зајкова.
ЛДП категорично бара итно запирање на ова, како што го нарекуваат, „законско лудило“, повлекување на штетните интервенции и воспоставување на вистинско владеење на правото, предупредувајќи дека тендер-политичарите ќе мора да сносат неселективна одговорност за секој украден денар, исто како што паднаа сличните автократски режими во Србија, Бугарија и Унгарија.




