ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

„Безбеден град“ прогласен за најдобар проект за сообраќајна безбедност на Светскиот полициски самит во Дубаи

Проектот „Безбеден град“ на македонското МВР го освои првото место за сообраќајна безбедност на Светскиот полициски самит во Дубаи, победувајќи го Сингапур.

Министерството за внатрешни работи (МВР) со проектот „Безбеден град“ го освои првото место во категоријата „Извонредност во сообраќајната безбедност“ на Светскиот полициски самит во Дубаи, оставајќи ги зад себе полициските служби на Сингапур, Абу Даби, Управата за патишта на Дубаи и индиската држава Махараштра.

Веста за меѓународното признание денеска ја соопшти министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој нагласи дека изборот бил направен во конкуренција од над 700 номинации од 60 држави, преку независно стручно оценување на технолошките и оперативните резултати.

„Знаеме што значи Сингапур кога се зборува за функционална администрација, како и Дубаи и Абу Даби во примената на технологијата. Но, ние покажавме дека и Македонија има капацитет да постигне резултат што ќе биде препознаен во светот“, истакна Тошковски, додавајќи дека по години зборување за „Безбеден град“, системот конечно е ставен во целосна функција преку законски измени, дигитално поврзување и автоматизирана контрола.

Главниот аргумент за освојувањето на наградата се статистичките податоци кои покажуваат значително намалување на сообраќајните незгоди со тешки последици. Во периодот од јануари до октомври 2026 година, на македонските патишта загинале 85 лица, што е за 32 помалку во однос на истиот период лани (намалување од 27,4 проценти). Бројот на тешко повредени е намален за 14,2 отсто. Особено драстичен е падот на жртвите во периодот од февруари до октомври, откако почна примената на системот, каде смртноста е намалена за дури 31,5 проценти во споредба со 2025 година.

„Овие резултати ѝ даваат суштина на нашата кандидатура, затоа што успехот го мериме по намалувањето на опасното возење и тешките последици, а не по бројот на наплатени казни“, нагласи министерот, посочувајќи дека во последните 15 години во државата животот го загубиле над 2.100 лица во сообраќајот.

Долгорочната цел на министерството, како што посочи Тошковски, е „Визија нула“ – сообраќај без загинати и тешко повредени. Официјалното доделување на признанието ќе се одржи на 18 ноември во Дубаи.

Поврзани вести

Back to top button