Жерновски: Мицкоски во паника ја штити Алта банка, кривичните пријави против нас се доказ дека го копира Вучиќ
Жерновски, обвини дека премиерот му наредил на гувернерот Славески да поднесе пријави против раководството на партијата. Опозицијата тврди дека вистинската паника ја создале власта и Народната банка со ограничувањето на средствата на граѓаните.

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) обвини дека премиерот Христијан Мицкоски панично ја штити „Алта банка“ и дека по негов налог гувернерот Трајко Славески поднесува кривични пријави против раководството на опозициската партија. На прес-конференција, секретарот за меѓународна соработка на СДСМ, Андреј Жерновски, истакна дека пријавите за наводно ширење паника се поднесени против претседателот Венко Филипче, генералниот секретар, потпретседателот и против самиот него.
„Едноставно му нареди, буквално му нареди на Трајко Славески како гувернер да поднесе кривични пријави. Исто како што беше внесувањето на Алта банка на Вучиќ во Македонија, така сега се копира однесувањето на Вучиќ во нашата земја. Малиот Вучиќ од Македонија работи по налог на оригиналот од Србија“, изјави Жерновски.
СДСМ ја спореди ситуацијата со настаните во Белград за време на тамошните протести, посочувајќи дека власта ги користи истите режимски методи на негирање, за потоа да ја обвини опозицијата. Според Жерновски, Мицкоски заминал во Германија кога избувнал скандалот со банката за која, како што тврди опозицијата, европските институции веќе предупредувале дека служи за перење криминални пари.
Жерновски директно го прозва и гувернерот на Народната банка, обвинувајќи го за контрадикторни одлуки кои директно ги оштетиле граѓаните. „Славески самиот многу добро знае дека со потписот самиот себе се обвинил, затоа што дал дозвола за работа на оваа банка на Вучиќ. Веднаш по воведувањето на присилната управа, гувернерот Славески рече дека ‘сè е во ред’, но веќе наредниот ден воведе ограничување од десет илјади денари и им забрани на граѓаните да ги користат неопходните средства“, потенцираше тој, додавајќи дека вистинската штета и паника меѓу граѓаните ја предизвикале токму овие постапки.
На крајот, од СДСМ упатија повик до надлежниот обвинител Савески да одлучи дали ќе застане на страната на правдата или ќе ја штити власта, предупредувајќи дека „балканските картели ќе се срушат“. „Дали СДСМ некаде ширеше паника? Да, но не кај граѓаните, туку ширеше паника и ќе шири паника кај Мицкоски и кај криминалната банда којашто е опкружена околу него. Доаѓа време кога ќе одговараш“, му порача Жерновски на премиерот, обвинувајќи го дека изнел лаги на собраниската надзорна расправа.










