ВЕСТИПОЛИТИКА

Ахмети ја оцени пресудата против поранешните лидери на ОВК како „неправедна“

Али Ахмети, лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) и еден од основачите на ОВК, ја опиша пресудата против Тачи, Весели, Селими и Красниќи како „неправедна и длабоко разочарувачка“.

Ахмети повика на разумност и единство, апелирајќи да се избегнат тензии и поделби по изрекувањето на пресудата.

Тој нагласи дека сите четворица биле ослободени од обвиненијата за злосторства против човештвото и истакна дека претходните наводи за трговија со органи не биле дел од обвиненијата во оваа постапка.

„Ова се факти што треба да се имаат предвид секогаш кога некој се обидува да ја прикаже ОВК како криминална организација“, рече Ахмети.

Тој изрази уверување дека наодите врз основа на кои беа осудени четворицата поранешни лидери на ОВК ќе бидат оспорени во текот на жалбената постапка.

„Процесот не завршува овде. Веруваме дека одбраната ќе ја продолжи правната битка пред Жалбениот совет, оспорувајќи ги наодите од првостепената пресуда и барајќи правда до самиот крај“, напиша Ахмети на социјалните мрежи.

Хаг ги осуди четворицата поранешни лидери на ОВК: Тачи и Красниќи по 25 години, Весели 18, Селими 13 години затвор

Специјализираните совети на Косово со седиште во Хаг денеска ги прогласија за виновни за воени злосторства четворицата поранешни високи лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК) – Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи. Тачи и Красниќи се осудени на по 25 години затвор, Весели на 18, а Селими на 13 години. Станува збор за првостепени пресуди на кои страните имаат право на жалба.

Back to top button