
Австралиското здружение на музичката индустрија (ARIA) од оваа недела забранува целосно ВИ-генерирани песни на своите официјални топ-листи. Оваа радикална одлука следи по бурните реакции во јавноста и музичката индустрија, откако контроверзна преработка на хитот „Like a Prayer“ од Мадона, направена од австралиски диџеј, стигна до самиот врв на локалните топ-листи, пишува Ројтерс.
Според новите правила на ARIA, песните во кои генеративната вештачка интелигенција има само „поддржувачка улога“ ќе останат прифатливи, но исклучиво доколку делото е „суштински создадено од човек“ и не предизвикува сомнежи за манипулација со стримингот.
Извршната директорка на ARIA, Анабел Херд, истакна дека топ-листите мора да останат транспарентен приказ за музиката што се конзумира, предупредувајќи дека наградувањето на нелиценцирани ВИ-производи ја поткопува самата основа на музичката индустрија.
Скандалот кој ја прели чашата
Контроверзијата избувна кога повеќе продуценти излегоа со обвинувања дека диџејот Џош Фаваз од Квинсленд користел вештачка интелигенција за својата преработка на хитот на Мадона од 1989 година, без првично да го открие тоа пред јавноста. Песната стана најслушана на австралиското радио и во јули стигна до четвртото место на две престижни топ-листи на ARIA.
Познатиот продуцент Мич Томас го нарече Фаваз „најголемиот проблем во музиката во моментов“. Од друга страна, Фаваз преку Инстаграм се бранеше тврдејќи дека ВИ ја користел исклучиво како „алатка“ и дека неговиот главен фокус отсекогаш бил да им понуди „добра музика“ на слушателите.
Државата најавува заштита на авторите
Во меѓувреме, музичарите, текстописците и продуцентите вршат огромен притисок врз владите да преземат конкретни чекори за заштита на нивната креативна работа. Тие остро ја критикуваат употребата на ВИ-алатки за продукција на песни со минимален човечки влез и без соодветно признание или компензација за вистинските уметници чии дела се користат за тренирање на алгоритмите.
Австралискиот премиер Ентони Албанезе минатиот месец вети дека владата ќе преземе правни чекори за да се осигура дека креативците ќе ја задржат целосната сопственост врз своите дела.










