АРТВЕСТИ

Премиера на претставата „Три сестри“ во режија на Нела Витошевиќ во МНТ

Вечерва (25 септември) на сцената на Македонскиот народен театар (МНТ) ќе се одржи премиерата на претставата „Три сестри“, работена по мотиви на А.П. Чехов, а во режија на Нела Витошевиќ. Билетите за вечерашната премиерна изведба, како и за следната која е закажана за 5 октомври, се веќе пуштени во продажба.

Новата сценска адаптација, чиј текст го потпишуваат Васил Христов и Нела Витошевиќ, а драматургијата е на Викторија Рангелова-Петровска, претставува современо читање на еден од најзначајните драмски класици. Претставата користи мотиви од истоименото дело на Чехов, но е поставена во постмодерна драмска структура која се одликува со динамичен и речиси документарно природен дијалог, суптилен хумор, разорна психологизација на карактерите и поетичен драмски јазик.

Драмското дејство е поместено на нашите простори, во современи општествени околности, и ја преиспитува денешната стварност преку ликови заробени помеѓу спомените, изгубените идеали и копнежот по поинаков живот. Семејството во претставата станува микро-слика за едно општество во распаѓање, каде што старите вредности исчезнуваат, а новите сè уште не се родени.

„Три сестри не ја гледам само како приказна за едно семејство кое не успева да се придвижи. Ја гледам како приказна за луѓе и за едно општество заглавени во мртва точка. Сите знаат дека треба да се помрднат, сите зборуваат за промена, сите сонуваат за некаде и некогаш, но никој не успева навистина да тргне“, истакнува режисерката Витошевиќ.

Во претставата настапуваат: Дарја Ризова како Ирина, Наталија Теодосиева како Маша, Верица Недеска како Олга, Дамјан Цветановски како Андреј, Благој Веселинов како Александар, Емил Рубен како Иван, Ивица Димитријевиќ како Игор, Нина Деан како Наташа и Антонио Ташковски како Никола. Креативниот тим го сочинуваат сценографот Игор Васиљев, костимографката Роза Трајческа и композиторот Огнен Анастасовски, додека извршни продуценти се Симона Угриновска и Виктор Рубен.

Back to top button