АРТВЕСТИ

Над 100 книги донирани во Тирана во рамките на „Денови на македонската литература за деца“

Со литературна вечер, креативно-едукативни работилници, средби со издавачи и потпишување меморандуми за соработка, од 12 до 14 ноември во Тирана успешно се одржа манифестацијата „Денови на македонската литература за деца 2026“. Настанот беше организиран од скопската „Едука Мак“ во соработка со Македонскиот културно-информативен центар (КИЦ) во Тирана, со поддршка од Министерството за култура и туризам.

Програмата имаше за цел афирмација на македонската литература за деца, поттикнување на читањето кај најмладите и унапредување на културната соработка меѓу Македонија и Албанија.

Литературната вечер во КИЦ-Тирана свечено ја отвори директорката, проф. д-р Ема Попивода, додека за предизвиците во детската литература говореше проф. д-р Елизабета Бандиловска. Пред присутните беа претставени десет македонски авторки и нивните најнови изданија.

На настанот ѝ беше врачена наградата „Литературни пишувалки – патувалки“ на авторката Весна Тодоровска за сликовницата „Грмотевицата што сакаше да стане виножито“. Како дел од манифестацијата, на КИЦ-Тирана му беа донирани повеќе од 100 книги.

Креативно-едукативна работилница на англиски јазик се одржа и во градинката при Albanian College Tirana II, каде на најмладите им беа подарени сликовници преведени од македонски на албански јазик.

Во насока на зајакнување на издавачката соработка, беа остварени работни средби и потпишани меморандуми со албанските издавачки куќи „Botime Dudaj“ и „Dritëro Agolli“ за идни преводи и промоции на книги на двата јазика.

Дополнително, делегацијата оствари средба и со Друштвото на Македонците во Тирана. И со нив беше потпишан меморандум за соработка, при што беа донирани книги наменети за најмладите припадници на македонската заедница во Албанија, како поддршка за негувањето на мајчиниот јазик и културниот идентитет.

Back to top button