ВЕСТИЕДНАКВИИМПУЛС
Во тренд

Група за трчање во Англија ги руши бариерите за лицата со интелектуална попреченост

Од тројца учесници во 2024 година, групата во Илкли пораснала на 13 редовни членови. За нив, заедничкото трчање значи и пријателство, самодоверба и можност да учествуваат во трки.

Џорџ, Дјуни и Арон го сакаат трчањето, но нивните дополнителни потреби претходно им го отежнувале пристапот до овој спорт. Благодарение на специјализираната тркачка група за лица со потешкотии во учењето, тие денес ја подобруваат својата кондиција, стекнуваат пријатели, па дури и учествуваат на трки, објави Би-Би-Си.

Во 2024 година, членовите на атлетскиот клуб „Илкли Хариерс“ (Ilkley Harriers) започнаа да водат групни трчања со само три лица. Денес, групата брои 13 редовни учесници кои трчаат низ бањскиот град на работ на Јоркшир Дејлс. Поради нивната посветеност, Тркачката група за лица со потешкотии во учењето (LD) „Илкли Хариерс“ е номинирана за регионалната волонтерска награда Unsung Project of the Year од страна на Англиската атлетска федерација.

Групата ја основаше Керолајн Тонг во 2024 година, поттикната од сопствените позитивни искуства, со цел да ја подобри инклузивноста во спортот. Две години подоцна, секој вторник навечер ѝ се придружува тим од посветени волонтери.

„Трчањето ми помогна низ сите животни подеми и падови, ми даде толку многу работи низ годините. Ми даде отпорност и пријателство“, објаснува Тонг. „Бев многу свесна дека луѓето со интелектуална попреченост ги немаат истите можности во спортот како вас или мене. Навистина сакав да ги подобрам видливоста и учеството. Постојано зборуваме за инклузивност, но мислам дека е навистина важно да размислиме што можеме да направиме за да го подобриме тоа за луѓето.“

За време на вечерното трчање со екипата на Би-Би-Си, 23-годишниот Џорџ раскажа дека веќе двапати ја завршил трката на 5 километри во Илкли откако е дел од тимот. „Сакав да запознаам луѓе и да трчам со другите, не бев среќен кога трчав сам. Ова ме прави да се чувствувам енергично и сакам да бидам на отворено“, вели тој. Осумнаесетгодишната Дјуни истакнува дека обожава да трча и да стекнува нови пријатели, додавајќи дека особено се поврзала со лидерката Рут Џонс.

„Кога почнавме, дел од групата не можеше да го истрча целиот круг околу паркот без да седне на клупа, но сега можеме, така што навистина постигнаа одличен успех“, вели лидерката Џонс. „Тие навистина се подобрија, а одличната работа кај трчањето со Хариерс е што секогаш застануваме за да се прегрупираме, па секој може да трча со темпо кое му одговара.“

За сите да се чувствуваат вклучени, оваа група се собира во градскиот тениски клуб во исто време кога и останатиот дел од атлетскиот клубот. Дваесет и шестгодишниот Арон е еден од првите членови кои се приклучиле. „Апсолутно го обожавам ова, ме вади од дома и ме одржува во форма. Стекнав толку многу пријатели, навистина ја сакам инклузивноста и чувството на заедништво, како и пријателството и поддршката што ги имаме во групата“, истакнува тој.

Неговиот пријател Барни (24), кој се приклучил во јануари, додава: „Без разлика што се случува во текот на неделата, ние се собираме секоја недела и ова е фантастична социјална вечер за нас.“

Според Ејдан, најдобрата работа е стекнувањето пријатели и градењето самодоверба. Тој ослабел откако почнал да трча, комбинирајќи го движењето со здрава исхрана. „Имам истрчано две трки од 5 километри во Илкли, а вториот пат го соборив мојот личен рекорд за четири минути“, истакнува Ејдан.

Стефани, која доаѓа во групата веќе две години, го споделува истиот ентузијазам: „Сакам да трчам, сакам да бидам во група и заедно истрчавме 5 километри. Доаѓам секоја недела и одам во теретана двапати неделно. Многу ми се допаѓа што стекнав толку многу пријатели овде.“

Друга тркачка, 26-годишната Алис, смета дека групата ѝ помогнала повеќе да излегува и значително да ја подигне свеста за лицата со попреченост. Нејзината самодоверба пораснала до тој степен што веќе учествувала на локалните „Parkrun“ трки во блиските Скиптон и Кили.

На крајот, основачката Тонг заклучува дека најубавото нешто е фактот што луѓето се поддржуваат меѓусебно и постојано се враќаат.

„Навистина ни се допаѓа кога луѓето доаѓаат во нашата група и истражуваат област од Илкли каде што можеби не биле претходно. Можеби се чувствуваат малку несигурно на своите нозе или немаат самодоверба, но кога ќе завршат, тие едноставно зрачат од возбуда!“, заклучува таа.

Поврзани вести

Back to top button