ВЕСТИПОЛИТИКА

Мицкоски во Вашингтон: Отворени можности за американски инвестиции преку фондот на DFC тежок 205 милијарди долари

Продлабочување на стратешкото партнерство и отворање нови можности за економска соработка се во фокусот на посетата на владината делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски на Соединетите Американски Држави. За време на престојот во Вашингтон, претседателот на Владата оствари серија значајни средби со претставници на американските институции, Конгресот и економскиот сектор.

Како клучна од економски аспект се издвојува средбата со Каролајн Вик, главен директор за политики и вршител на должноста главен директор за развој во Американската корпорација за меѓународно финансиско развивање (DFC). Оваа институција располага со инвестициски капацитет од 205 милијарди долари и претставува значаен инструмент на САД за мобилизирање приватен капитал во стратешки сектори. Од Владата информираат дека на средбата се разговарало за потенцијални инвестиции во Македонија, со посебен акцент на енергетиката, современата инфраструктура и високите технологии во кои DFC става посебен фокус.

Во рамките на политичкиот дел од агендата, Мицкоски оствари средби со претставници на американскиот Конгрес. Тој се сретна со конгресменот Кит Селф, претседател на Поткомитетот за Европа во Комитетот за надворешни работи, со кого разговарале за заедничките интереси и унапредувањето на соработката. Дополнително, премиерот оствари средба и со конгресменката Клаудија Тени, копретседавач на Македонската група за пријателство во Конгресот на САД, при што била истакната важноста на традиционално силните односи и парламентарниот дијалог меѓу двете земји.

Од Владата нагласуваат дека серијата средби во Вашингтон претставува продолжување на заложбите за зајакнување на стратешкото партнерство со САД и негово преточување во конкретни проекти од интерес за државата. Посветеноста кон почитувањето на заедничките вредности и градењето стабилни македонско-американски односи остануваат важен темел на соработката, се заклучува во владиното соопштение.

Back to top button